Субвенционирањето ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Куманово во висина од 30 проценти, но не повеќе од 500.000,00 денари од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. Сопствениците на посебни делови во станбените згради ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 проценти од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата, информираа денеска од општината.
Станбени згради за колективно домување треба да бидат постари од 25 години, 70 отсто од станарите треба да потпишат изјава за учество во проектот „Енергетски ефикасни домови“ за што доставуваат копии од изјави заверени на нотар. Одлуката од заедницата на станарите или преку овластен управител за реновирање на зградата на колективно домување односно воведување на мерки за енергетска ефикасност, имотен лист. Заинтересираните треба да достават и соодветни документи наведени на општинската страна. Рокот за поднесување на апликациите ќе трае 20 дена сметајќи од денот на објавување на повикот, апликацијата и потребната документација се доставува во затворен плик во архивата на Општина Куманово
„Проектните активности ќе се реализираат со финансиска поддршка на Хабитат Македонија со субвенционирање од општината која заедно со уште две општини потпиша меморандум за соработка за пилот-проект ‘Подобрување на енергетска ефикасност’ кој се реализира со Хабитат. Одржавме неколку презентации заедно со секторите за евроинтеграции и за локален економски развој од општината. Во општината ќе се слеат средства и добро е на повикот којшто ќе биде објавен на 26-ти мај да се пријават станбените домари, управители или претседатели на куќни совети“, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска. Во Куманово има повеќе од 450 згради. Според податоците на општината има заинтересирани за користење на средствата за замена на фасадата.
Апликациите со непотполна документација и апликациите доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат. Станарите се сопственици и нивната одлука е клучна и последна за да се обноват фасадите и да постигне високо ниво за безбедност, бидејќи кумановци се жалат дека парчиња од дотраените фасади од зградите од централното градско подрачје речиси секојдневно се одронуваат понекогаш како ситна прашина, а при силен ветер и покрупни парчиња паѓаат на плочниците и ги вознемируваат граѓаните. Лиценцираните управители велат дека за разлика од минатото станарите последниве години повеќе се заинтересирани за вложување во заедничките простории, вклучително и за обнова на фасадите. Преку проектот се очекува и естетско доуредување на градот