Во несреќата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 63 лица, а над 200 беа тешко повредени.
По тој повод, градоначалникот Владко Грозданов одржа прес-конференција со членовите на Организацискиот одбор, на која беа соопштени активностите што ќе се реализираат на 14, 15 и 16 март.
На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест.
Настанот предвиден за 15 март е насловен „Кочани ви благодари“. Овој ден е посветен на повредените и на изразување благодарност кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци.
„Упатени се официјални покани до здравствените установи што ни беа огромна поддршка по несреќата, а ги охрабрувам и повредените деца кои и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани да ги поканат своите доктори и медицинските крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести“, рече Грозданов.
Општината планира поканетите делегации од институциите и здруженијата што дале свој придонес, на свеченоста на 15 март да бидат одликувани со статуетки на благодарност. Тој ден ќе заврши со содржини од културно-уметничка карактер, како израз на живот, надеж и заедништво.
На 16 март активностите ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата.
„Младите што трагично ги загубивме, заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи“, истакна градоначалникот Грозданов.
„Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко дејствување – да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир“, рече градоначалникот Грозданов.
Деталите од програмата ќе бидат дополнително соопштени од Општината.






