вторник, 10 март 2026

Општина Кочани од 14 до 16 март ја одбележува годишнината од трагедијата во „Пулс“, во Штип – споменик на жртвите од градот

Општина Кочани ја објави програмата за одбележување на првата годишнина од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“. Планираните содржини имаат духовен и комеморативен карактер. Ќе бидат застапени и настани од културата. Програмата е предвидено да се одвива од 14 до 16 март на различни локации.

Објавено на

часот

Сподели

На 14 март ќе се одржи богослужба во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Кочани. Во 8 часот ќе има литургија за упокоените, а во 9,30 часот следува општ парастос. Во 10.45 часот на Градските гробишта ќе биде одржано трикратно опело за жртвите од трагичниот пожар во „Пулс“.

На 15 март се предвидени повеќе спортски и културни активности. Во 9 часот е предвидена рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите 63 млади лица. Во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“, на релација на Пониква.

Истиот ден со почеток во 10 часот, во спортската сала кај гимназијата во Кочани ќе се одржи кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата.

Во ЦК „Бели мугри“, на 15 март во 13.30 часот ќе биде прикажан музичко-балетски перформанс насловен  „Кочани ви благодари“, по што следува концерт на Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“. Во 18 часот во еден од салоните на „Бели мугри“ ќе биде промовирана книгата „Ќе те има“ од Марина Стојчевска.

На 16 март е централното одбележување на кочанската трагедија.  Во 2.15 часот пред објектот „Пулс“ ќе се одржи настанот „Светлина што останува“, а во 7 часот започнува трката „Св. Николе – Штип – Облешево – Кочани“.

Во Паркот на револуцијата во Кочани на 16 март, во 8.45 часот ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, со муралот „Ѕид на сеќавање“, посветен на жртвите.

Во 9 часот е предвиден прием на гости и делегации во Општината, а во 10 часот е молитвата за упокоените.

Комеморацијата „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ ќе се одржи во 10.30 часот во ЦК „Бели мугри“, додека во 12.30 часот, според програмата, претстои отворањето на меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“.

И Општина Штип на 16 март, на денот на одбележување на една година од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ ќе постави камен темелник за изградба на спомен обележје кај малата фонтана на Градскиот плоштад „Слобода“. Во рамките на спомен обележјето ќе има пет гулаби и еден ангел, а ќе бидат изгравирани и имињата на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и Александар Коларов, кои загинаа во пожарот во „Пулс“. Од Општината велат дека Штип стои заедно со Кочани во овие тешки моменти, обединети во болката, но и во надежта.

Програмата на 16 март во понеделник започнува во 18.30 часот со прием на гости и поставување камен-темелник за изградба на спомен-обележје кај малата фонтана во близина на Градскиот плоштад „Слобода“. Потоа, од 18.40 до 19.10 часот ќе следува палење свеќи во чест на сите починати.
Во 19.10 часот ќе се одржи кратка пригодна програма посветена на жртвите, додека настанот ќе заврши во 19.30 часот со симболично „ѕвездено небо“ – момент кога присутните ќе ги вклучат светилките од своите мобилни телефони, испраќајќи порака дека светлината постои дури и во најмрачните денови.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и заедно да испратат порака на љубов, сеќавање и единство – затоа што, како што велат, Штип не заборава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ