Јакимовски најави дека деновиве дел од вработените на Општина Карпош ќе заминат за Кочани да им дадат помош на своите колеги во инспекцискиот надзор и во организирање на единиците за заштита и спасување.
Според Јакимовски, Општина Koчани во моментов функционира во несоодветни услови, окупирана од инспектори, полицајци и обвинители. Смета дека е многу исправно што в.д. градоначалникот на Кочани во оваа тешка ситуација бара помош од колеги градоначалници, како со совет, така и со кадровско доекипирање затоа што, како што рече, неговата општина во моментов не функционира нормално. – Да помогнеме сите, не само Општина Карпош. Сите што можеме да помогнеме, рече Јакимовски.
В.д. градоначалникот Крстевски рече дека Карпош е втора општина која ќе им помогне, по Општина Струмица.
„Благодарение на Општина Карпош, ние првпат ќе добиеме инспектор за домување, кој е многу важен во овој момент. Следниот период приоритет ни е безбедноста во градот зошто знаеме дека постојат уште објекти каде тлее таа опасност, која се надеваме дека нема пак да надојде. Ќе направиме се за енергично да се справиме со истите проблеми и да успееме да се издигнеме од оваа ситуација во која се наоѓаме“, рече Крстевски. Додаде дека е свесен за предизвикот и смета дека со поддршка од кочанската заедница и од колегите градоначалници ќе ја надминат оваа ситуација.
Апелираше да се научи лекцијата и да се сменат навиките.
„Тоа што било пред несреќата, треба да се сменат лошите навики и само сите ние заедно можеме да ја научиме оваа скапа лекција. Македонија мора да ги смени сите лоши навики и да ја научи оваа скапа лекција и истите грешки да не се повторуваат во иднина“, потенцира Крстевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Крстевски појасни дека во Кочани има угостителски објекти кои се наоѓаат во станбено-деловен простор. Потсети дека потпишале Меморандум со Општина Струмица, кои ќе им помогнат логистички во тој процес. Најави дека со помош на полицијата и со сите служби кои се во функција на држвата ќе направат заедничка акција за зголемување на безбедноста.
„Во понеделник од 13 часот ќе има јавна трибина со сите корисници на јавна површина. Јавната површина е јавен интерес и сите корисници ќе се запознаат со законските прописи. Тоа значи дека ние само ќе го спроведеме законот. Законот е јасен, нема да има толеранција, компромис и отстапки“, нагласи Крстевски.