понеделник, 28 јули 2025

Општина Чаир и ДУИ го осудија нападот врз Арсовска

Општина Чаир и ДУИ најостро го осудија инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир.

Објавено на

часот

Сподели

„Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество“, реагираат од Чаир. Оттаму нагласуваат дека е важно јавноста да биде точно информирана, односно оти настанот воопшто не е поврзан со нивната институција.

„Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот. Општина Чаир останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците. Во тој контекст, постапувањето останува во надлежност на соодветните институции, кои согласно своите процедури, ќе делуваат со внимание и одговорност, во насока на расветлување на настанот и зачувување на јавниот ред и мир“, велат од Општина Чаир.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска беше физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Кон неа биле упатени и вербални закани од повеќе лица.  Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи од каде соопштија дека инцидентот се случил на улицата „Кумбара“, а случајот бил пријавен во СВР Скопје во 12:15 часот.

И Демократската унија за интеграција најостро го осудува нападот врз градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, кој се случил за време на извршувањето на нејзините службени обврски на територијата на Општина Чаир.

„Актите на насилство, вербалните напади и обидите за попречување на институционалните претставници во извршувањето на нивните обврски претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и функционирањето на правната држава. Независно од политичката припадност или институционалната функција, ниту еден функционер не смее да биде предмет на јавен линч или физичка и вербална агресија“.
ДУИ го смета овој чин за срамен и неприфатлив и апелира до надлежните органи веднаш да реагираат, да ги идентификуваат и санкционираат сторителите согласно законот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ