„За нештата да бидат јасни сакаме да ја информираме јавноста дека инспекторот за животна средина на Општина Аеродром на 15 мај изврши инспекциски надзор по кој е изготвен записник за констатација со број ИП1 311/2025 од 15 мај, при што е констатирано дека АД Водостопанство поседува решение за издавање дозвола за вадење песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водните тела (река Вардар) со важност до 10 септември.
Решението е издадено врз основа на член 142 став 7 од Законот за водите од страна на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање на 10 ноември 2023 година од тогашната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која е актуелена потпретседателка на СДСМ.
Исто така, АД Водостопанство поседува решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина, издадено од Управата за животна средина врз основа на член 24 став 7 од Законот за животна средина, одобрено на 21.7.2023 година, исто така од тогашната министерка Шукова.
Напоменуваме дека за сепарација, односно инсталации за ископ, дробење и мелење на минерални суровини е надлежен Град Скопје, согласно со уредбата за определување на активностите на инсталациите за која е потребна Б интегрирана еколошка дозвола, како за издавање, така и за спроведување инспекциски надзор.
Сето ова горенаведено, покажува колкаво непознавање има СДСM кога станува збор за спроведување на надлежностите, како на централната, така и на локалната власт. Оттука, прашуваме, дали СДСM се запознаени со работата на нивните поранешни министри, меѓу кои е и Каја Шукова, која до пред некое време беше министерка во Владата на СДСM и ги спроведуваше политиките на оваа партија како владејачка во земјава, а сега е во врвот на истата таа најголема опозициска партија.
Наместо СДСМ да поставува прашања до Општина Аеродром за работата на администрацијата, можеби подобро е да си ги постават тие прашања во своите редови за доброто на сите граѓани, со цел во иднина да не доаѓа до забуни и празни желби за манипулации со нашите сограѓани“, се вели во реакцијата на Општина Аеродром.