вторник, 10 јуни 2025

„Онкологија“ и британскиот кредит ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Венко Филипче е убедливо најлошиот министер за здравство во Македонија. Во време кога Филипче беше министер за здравство имаше низа скандали и злоупотреби во здравството а самиот Филипче е до гуша заглавен во скандалот со „Онкологија“, обвини денеска преку партиско соопштение владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш вратија од СДСМ од каде велат дека „вистината за ‘Онкологија’ излезе на виделина, а грозната лага на Мизрахи и ДПМНЕ, кои сакаа со криење документи да го прикажат Филипче како виновен, им пропадна во вода“. Ова не беше доволно, па двете најголеми партии се скараа и за кредитот вреден шест милијарди евра кој Македонија го зема од Обединетото Кралство.

Објавено на

часот

Сподели

Додека Филипче бил министер за здравство, оштетен е Буџетот на државата преку измама, од над 2,2 милијарди денари или над 35 милиони евра. Со одлуката на обвинителството, за завршување на истрагата за случајот „Онкологија“, поднесени се две обвиненија, но дали и зошто Филипче е изземен од овој случај, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

„Според Законот за здравствена заштита работата на здравствените установи врши Министерството за здравство, што значи дека Филипче бил директно одговорен за истото. Дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека се крадела па дури и завршувала на црниот пазар во Косово? Зошто омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не покренува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно, дозволил системски хаос и непочитување на шеесетина законски одредби. Последиците од Филипче и СДС во здравството се катастрофални и штетни. Обвинителите и судиите не го санкционираат криминалот и ги штитат политичките елити блиски до СДС, со што предизвикуваат ерозија на судскиот систем и недоверба во јавните институции. СДС останува синоним за криминал корупција и предавства“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Веднаш вратија од СДСМ од каде велат дека „вистината за ‘Онкологија’ излезе на виделина, а грозната лага на Мизрахи и ДПМНЕ, кои сакаа со криење документи да го прикажат Филипче како виновен, им пропадна во вода“.

„ДПМНЕ, освен манипулации и местенки, ништо друго не направи откако е на власт. Од утро до вечер се занимаваат со измислени афери за Филипче, бидејќи немаат ништо друго да понудат. Немаат реализирано ниту еден проект, а ветувањата од кампањата со кои ги изманипулираа граѓаните – останаа неисполнети. Затоа не им преостанува ништо друго освен да го вртат вниманието од своите неуспеси – но граѓаните тоа го препознаваат, и затоа се во паника. Ниеден лажен напад на Филипче и секојдневни прес-конференции нема да ја поправат штетата што секојдневно ѝ ја прават на државата и на граѓаните. Уништија сè што беше макотрпно градено – ја уништија економијата, перспективите, надежта – и ја задолжија државата за три поколенија“, се наведува во партиското соопштение на СДСМ.

Ова не беше доволно, па двете најголеми партии се скараа и за кредитот вреден шест милијарди евра кој Македонија го зема од Обединетото Кралство.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера од Штип обвини дека позади кредитот од шест милијарди евра се крие антологиски грабеж.

„Филипче ги разобличи нетранспарентните и штетни политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Вчера го потпишале договорот, а веднаш потоа се сретнале со фирмите кои ќе бидат изведувачи. Каков тендер, каков Закон за јавни набавки – сè е тоа една голема лага!“, изјави Филипче.

Според партијата, тој предупредил на огромните последици од ваквиот потег.

„Должнички оков врз следните генерации коваат без око да им трепне. Секое дете што ќе се роди следните 25 години, на самиот ден на раѓање ќе биде задолжено со 6.000 евра! Тоа нашата земја, нашиот народ не може да го издржи“, убеден е Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ вратија дека постои партиска елита на СДС на чело со Венко Филипче, кој му го чува местото и грбот на Зоран Заев, која вложува во милионски бизниси по Дубаи, од каде што имаат и златни визи. ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека Филипче и заев имаат и акции во индиска авиокомпанија.

„Додека тие се богатеа, последиците од нивното седумгодишно владеење, се уште се чувствуваат. Државата ја оставија во урнатини, со уништени институции и на раб на банкрот. За разлика од тогаш и матните договорите кои што СДС го склучуваше, сега Македонија постигнува договори за стратешко партнерство со моќни држави. Стратешкото партнерство со Велика Британија ја зацврстува соработката меѓу двете земји и отвара инвестициски циклус и сигурна реализација на капитални проекти кои ќе ја трансформираат државата. Ќе се подобруваат условите во здравството, ќе се градат и реконструираат болници, ќе се вложува во образованието со изградба на нови медицински факултет и студентски дом. Дел од договорот е и изградбата на брза пруга од Табановце до Гевгелија, така што ќе се изгради уште една коловозна лента за побрз патнички и товарен сообраќај. Сето ова ќе значи значително заживување, раст и развој на економијата, зголемување на БДП, а со тоа и повисоки плати, подобри услови за живот и подобар животен стандард за сите“, убедуваат од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ