четврток, 19 март 2026

ОН: Македонија меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на смртноста кај децата под пет години

Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години, се наведува во објавениот глобален извештај за 2025 година на Меѓуагенциската група на Обединетите нации (ОН) за процена на смртноста кај децата.

Објавено на

часот

Сподели

На презентацијата на податоците од извештајот, денеска, на прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу рече дека, според извештајот, стапката на смртност кај новороденчиња за неполна деценија е намалена за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 смртен случај на 1.000 живородени деца, а стапката на смртност кај деца на возраст под пет години е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.

„Нашата држава е прикажана како успешен пример за намалување на неонаталната и смртноста на децата на возраст под пет години на глобално ниво како резултат на заедничките активности и координација на Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство и партнерите УНИЦЕФ (Фондот за деца при Обединетите нации), СЗО (Светската здравствена организација) и УНФПА (Фондот за население на Обединетите нации)“, истакна Алиу.

Овие резултати, посочи министерот, се показател дека како креатор на здравствените политики Министерството е на добар пат во унапредувањето на здравствената заштита на мајките и децата, а со тоа и намалување на стапката на неонатална смртност.

„Изминатиот период имплементирани се повеќе мерки за зајакнување на итната акушерска нега и негата на новороденчињата, ажурирање на клиничките протоколи, подобрување на практиките за реанимација на новороденчињата и превенција на инфекции, како и зајакнување на подготвеноста за транспорт. Воедно, беше имплементиран и мастер-планот за перинатална нега 2020 – 2030 за операционализација на стратифицирана перинатална мрежа според ризик и овозможување континуирано унапредување на квалитетот на сите нивоа на здравствена заштита“, додаде Алиу.

Претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство и директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, рече дека податоците покажуваат дека кога системски се работи, може да се достигнат меѓународните стандарди во намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата на возраст под пет години.

„Во извештајот нашата држава е истакната како земја со исклучителен напредок. Можеме денеска да се пофалиме затоа што перинаталната смртност и смртноста на дечињата под пет години се едни од основните показатели за добро функционирање на здравствениот систем. Ова се случи како резултат на соработка на сите засегнати страни, пред сè, поддржани од Министерството за здравство, клиничките и здравствените институции, како Клиниката за гинекологија и акушерство, каде што се третираат најголем број од предвремено родените дечиња, Клиниката за детски болести и огромната поддршка што ја добиваме од СЗО, УНИЦЕФ, УНФПА и невладиниот сектор“, истакна проф. д-р Алексиоска-Папестиев.

Таа посочи дека меѓу активностите што биле преземени се ажурирањето на клиничките протоколи за мајчино и неонатално здравје, беа подобрени реанимацијата, превенцијата на инфекциите, инвестирано е во опрема и здравствен кадар, како и подобрување на транспортот, со соодветно упатување на ризични пациенти во соодветна институција.

,

„Беа преземени дополнителни активности за координација на национално ниво, беше создаден Комитетот за безбедно мајчинство, како и Национална комисија за ревизија на перинаталната смртност и беше донесена одлука секој смртен случај на новороденче да биде ревидиран, односно да се види каде е пропустот во системот за соодветно да се креираат политиките и понатаму да се дејствува во подобрување на клиничката пракса. Мастер-планот за перинатална нега 2020 – 2030 е основна алатка, која укажува како треба да се однесуваме кон сите ризични пациенти и каде тие може да се третираат, а доколку не може да се одговори од регионалните здравствени центри, да бидат упатени онаму каде што може да добијат соодветна неонатална грижа“, рече проф. д-р Алексиоска-Папестиев.

Потенцира дека било инвестирано во обука на здравствените кадри и сите овие долгогодишни процедури што биле преземени довеле до овој резултат.

Додаде дека во државата процентот на породувања со царски рез е зголемен и треба да се посвети внимание за ревидирање на клиничките протоколи бидејќи секој царски рез понатаму носи ризик и за мајката и за новороденчето.

Шефот на канцеларијата на СЗО во земјата, Аким Али, рече дека Северна Македонија стана една од најистакнатите светски успешни приказни во преживувањето на децата покажувајќи што е можно кога лидерството, квалитетот и реформите засновани на докази одат рака под рака.

Во изминатата деценија, посочи тој, Северна Македонија го постигна најголемото подобрување во светот во преживувањето на децата со намалување до 87 проценти на неонаталната смртност и намалување од 75 проценти на смртноста кај децата под пет години.

„Резултатите покажуваат дека може да се постигне брз напредок кога приоритет се става на континуираните инвестиции во здравјето на мајките и децата. СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА се горди што го поддржаа Министерството за здравство во текот на овој процес и преку соработка постигнавме да се воведат и прошират иновативни интервенции, да се зајакнат здравствените системи и нашето партнерство поттикна култура на континуирано подобрување и отчетност. Од суштинско значење е земјата да продолжи да ја одржува својата посветеност кон квалитетот, правичноста и отпорноста во здравјето на децата. Тоа значи високи стандарди на грижа во секоја здравствена установа и одржување на континуитетот во грижата“, истакна Али.

Според него, приоритет треба да биде даден на ранливите заедници, кои ги спречуваат семејствата да пристапат до потребната грижа, политиките што поддржуваат и зајакнуваат квалификуван здравствен кадар, како и инвестиции во силни системи за податоци, редовни ревизии, кои се од суштинско значење за да се обезбеди одржлив напредок. Ова е многу важен успех за земјата – додаде Али.

На прес-конференцијата присуствуваа и претставниците на УНИЦЕФ, Лесли Милер, и на УНФПА, Јованка Брајовиќ-Григоријевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ