Од ОМД информираа дека биле контактирани од македонски пензионери кои живеат во странство, со барање да се отвори и адресира прашањето поврзано со нивниот нееднаков третман при последните зголемувања на пензиите.
„Според информациите доставени до ОМД, како и јавно достапните анализи, со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, воведен е критериум кој резултираше со исклучување на дел од пензионерите кои ја примаат македонската пензија надвор од државата. Овој пристап ги засега приближно 12.000 пензионери кои живеат надвор од државата и создава разлика во третманот врз основа на место на живеење, иако станува збор за лица со ист работен стаж и исти уплатени придонеси во пензискиот систем. Дополнително, во јавноста е отворено и прашањето за правната сигурност, имајќи предвид дека исплатата на мартовското зголемување во 2025 година била извршена пред објавувањето на законските измени во Службен весник, што отвора сомнежи за ретроактивна примена и повреда на уставните принципи“, велат од ОМД.
Оттаму посочуваат дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во своето официјално мислење утврдила постоење на индиректна дискриминација врз основа на место на живеење во областа на социјалната сигурност и препорачала надлежните институции да преземат корективни мерки во рок од 180 дена. Ова мислење, велат од ОМД претставува јасна институционална основа за понатамошно постапување.
„ОМД смета дека ова прашање бара отворен институционален дијалог, транспарентност и конструктивен пристап, со цел да се обезбеди еднаков третман и почитување на правата на сите македонски пензионери, без оглед на тоа каде живеат. Како организација што ги застапува интересите на македонската дијаспора, ОМД останува отворена за дијалог и соработка со надлежните институции, граѓанските организации и сите засегнати страни, со цел да се придонесе кон правично и одржливо решение. Ги повикуваме надлежните институции да го адресираат ова прашање со одговорност, транспарентност и целосно почитување на уставните и законските принципи, како и да отпочнат отворен дијалог насочен кон изнаоѓање правично и одржливо решение. Обединетата Македонска Дијаспора останува подготвена активно да придонесе во дискусиите и процесите што ќе обезбедат еднаков третман и заштита на правата на сите македонски пензионери“, се наведува во реакцијата на ОМД.






