вторник, 24 март 2026

Окта го зголемува попустот за дизелот на 3 денари, Божиновска уверува – цените на горивата остануваат стабилни

Како одговор на тековната нестабилност на меѓународните цени, „Окта“ го продолжува попустот што им се нуди на големопродажните и малопродажните трговци до 6 април, годинава, се вели во соопштението од „Окта“.

Објавено на

часот

Сподели

„Дополнително, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар и истиот ќе стапи во сила од денес, 24 март 2026 година. Оваа доброволна иницијатива на ‘Окта’ има за цел да им овозможи на трговците овој бенефит да го пренесат на крајните купувачи во земјава.

Трговците на големо и мало имаат целосна слобода самостојно да ги дефинираат своите цени, согласно нивната комерцијална политика.

Со продолжувањето на мерката и засилената поддршка за дизелот, компанијата повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на пазарот, сигурното снабдување и долгорочното партнерство со трговската мрежа во Република Македонија“, се нагласува во соопштението на „Окта“.

Дополнителното зголемување на попустот за дизелот од 2 на 3 денари за литар, од страна на „Окта“, го потврди и министерката за енергетика, Сања Божиновска.

„Ова е конкретен резултат на партнерскиот пристап и континуираната координација, со цел директни придобивки за граѓаните и стопанството“ – вели Божиновска.

Таа додава дека преземените мерки од страна на Владата, меѓу кои и намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати и оти цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, нагласува таа, останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата.

Министерката Божиновска истакнува дека МЕРМС преку интензивна и директна комуникација со компанијата „Окта“ иницирала и обезбедила унапредување на условите за попустите на нафтените деривати, со јасна цел – дополнително намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството.

„Паралелно, со намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10 %, обезбедивме дополнително намалување на цените за 6 до 7 денари за литар и спречивме ценовен шок на пазарот. Ова е пристап што дава резултат, со активна улога на државата и со заедничка одговорност со приватниот сектор да постигнеме заштита на животниот стандард и стабилност на економијата“, нагласува министерката Божиновска.

Од министерството нагласуваат дека тоа што „Окта“ ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари за литар обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.

„Овој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу министерството и компаниите, со јасна цел – некои од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството“, вели Божиновска.

Истовремено, според неа, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 %, која обезбедила директно намалување на цените за 6 до 7 денари за литар и спречила дополнителен ценовен шок.

„Со оваа комбинирана интервенција спречен е значителен раст на цените на горивата, обезбедена е стабилност на пазарот, заштитен е животниот стандард на граѓаните, намален е притисокот врз транспортот и економијата. Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, истакна министерката Сања Божиновска.

Министерството нагласува дека одговорноста во вакви услови е заедничка и дека позитивниот пример со зголемениот попуст за дизел треба да биде следен и од другите учесници на пазарот, со цел бенефитите целосно да се рефлектираат во малопродажните цени.

Паралелно, снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот.

„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата“, порачуваат од МЕРМС.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ