На пет осомничени им се става на товар кривичното дело фалсификување пари, додека првообвинетиот и уште еден се обвинети и за кривично дело правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување, соопштија попладнево од Јавното обвинителство.
„Од крајот на 2023 година до февруари 2025 година, првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Република Србија. Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти – евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Република Србија по цена од 25-30 отсто од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година, 114 .150 лажни евра, групата ги продала за 42.400 евра“, се појаснува во соопштението.
Со обвинителниот акт, обвинителството бара и продолжување на мерката притвор.






