„Обвинителството уште во петокот беше навремено и целосно информирано за настанот и без одлагање презеде активности во рамките на своите законски надлежности. Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана. Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, се наведува во одговорот на ОЈО на новинарско прашање за конкретниот случај.
Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица по заплената на пет тони марихуана во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија. Во извештаите се вели дека според истрагата, марихуаната била набавена во јануари оваа година на територијата на Македонија, а била транспортирала организирана криминална група што дејствувала на меѓународно ниво. Српската полиција ја оцени заплената како најголема во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на седум до десет милиони евра. Српското обвинителството предложи издавање налог за апсење, вклучително и меѓународен, за осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на организирана криминална група и е во бегство.
Судот во Србија одредил притвор за лицата Н.С., Р.С. и И.Д., кои како што е наведено се осомничени за неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци, повторување на кривичното дело и нарушување на јавниот ред и мир.






