За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионалната дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување, како и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници, и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот. Тие се осомничени за примање поткуп, по член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – синот на реалниот сопственик на Пулс – е осомничено за давање поткуп, по член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот веќе се на сила мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во Пулс, па се бара нивно проширување со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
Шестмина осомничени – даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица – им овозможувале на правните субјекти ММММ кафе и Пулс да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, поради што се осомничени дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на Пулс, кој веќе се наоѓа во притвор во другиот предмет, е осомничен за фалсификување исправа по член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла, за време на контроли од Управата за јавни приходи, приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои ги употребувал како вистински, со цел да избегне парични глоби и затворање на објектот.
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која исто така е опфатена со претходната постапка во која ѝ се определени мерки на претпазливост. За неа сега се обезбедени и дополнителни докази за кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, поради откривање информации за ненајавени контроли.






