Во четвртиот ден по акцијата на МВР во Неготино ( на 18 јануари), во домот на родителите на апелациониот судија Ѓоко Ристов, денеска во ОЈО ГОКК беше одржана средба со новинарите, на која шефот на ова обвинителство Ислам Абази и истражната обвинителка во случајот, Искра Хаџи Василева споделија одредени детали од истрагата – „колку што им дозволува законот во оваа фаза на истрагата“, како што самите нагласија. Причините за тридневниот молк на институциите за случајот, по откривањето на илјадниците евра во ѕидот, односно за достапноста на осомничениот судија Ристов, од ОЈО ГОКК ги лоцираат во почитувањето на принципот пресумпција на невиност на осомничениот, но имунитетот што како судија го имал како загарантирано право.
Вчера, на 20 јануари Судскиот совет одреди одземање на имунитетот на судијата Ристов и времено оддалечување од судиската функција, како и одземање на пасошот. МВР поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК, кое бараше куќен притвор за Ѓоко Ристов.
Зошто се одлучиле за барање на мерката куќен притвор, обвинителката Хаџи Василева нагласи дека биле ценети сите околности – Ристов бил на активно боледување, па оваа мерка е балансирана и пропорционална, но може да трпи промени.
За самата истрага, обвинителката Хаџи Василева вели дека била комплексна, интересна и градена како мозаик од повеќе различни наводи, пријави, информации и сознанија.

„Вистински предизвик за истрагата од многу наводи и сознанија, многу од нив во шпекулативна форма, беше да се издвојат веродостојни факти. Случајот не е граден врз еден навод, туку врз повеќе што наведуваа на трговија со влијание во повеќе различни судски случаи. Некои засегнати сами пријавуваа, па биле пронајдени телефони во затвор од затворските чувари, разговори меѓу затвореници… Буквално случајот се градеше како мозаик. Но кога тргнувате по луѓе со влијание, јасно ви е дека и тие имаат контакти и дознаваат ако започнете истрага. Затоа треба да се внимава и со какви мерки ја водите истрагата. Со наводите што ги имавме започнавме со финансиска истрага, која сè уште е во тек, од што стана јасно дека станува збор за поткуп во кеш-пари“, беше претставена на брифингот одредена хронологија на истрагата на ОЈО ГОКК, која ги довела до ѕидот во Неготино со 350.000 евра.
Повторно беше нагласено дека вистинските контури на овој кривично-правен настан биле добиени со приведувањето на поранешниот правобранител Стафа и неговиот клиент, Љупчо Пецов, за кого требало да се издејствува укинување на притвор со поткуп.
Сепак, до откривањето на 350.000 евра во ѕид, не било дојдено од прв обид. Претходно биле извршени претреси на три локации, во сопственост на судијата Ристов ( откако било утврдено дека немал никакви средства во банкарски сефови), меѓу кои и домот на неговите родители во Неготино. Во првиот претрес не било ништо пронајдено, но сепак биле констатирани одредени сомнителни индиции. На вториот претрес, на 18 јануари, следејќи ги тие индиции и со одредени криминалистички техники, пронајден е ѕидот од кој по мало кршење почнале да испаѓаат спакувани 350.000 евра.
Од ОЈО ГОКК истакнуваат дека сè уште не е утврдено од колку и од кои предмети на кои работел судијата Ристов е собрана таа сума скриена и најдена во ѕидот. За тврдењата на одбраната дека тоа се пари на родителите на Ристов, заработени ( и скриени) од земјоделие, од ОЈО ГОКК велат дека се некредибилни и не го увериле обвинителството, а и дека имаат доволно докази кои ќе ги соочат и спротивстават на одбраната дека тоа се пари на судијата. Кога ќе биде поднесено обвинението ќе бидат споделени повеќе докази. Освен тоа беше кажано дека ниту Ристов, а ни Стафа никогаш не биле подложени на ПИ-мерки. Сослушан е и Љупчо Пецов – Ѓаволот, но нагласуваат дека имаат и други сведоци за коруптивните активности на сега осомничениот судија Ѓоко Ристов.
Од ОЈО ГОКК ги охрабруваат граѓаните на кои им е побарано мито да пријавуваат и секако ќе постапат по реални пријави.
Ј.П.






