Како што информира денеска на средба со новинарите, обвинителката Ивана Алексова-Трајчева, 23 полицајци се обвинети дека како соизвршители сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Некои од обвинетите, постапувајќи по планот за акциска контрола во дискотеката Пулс во Кочани, на 16 март 2025 година не презеле соодветни мерки за заштита на присутните во дискотеката, ниту мерки да се спречи палењето на огнометот на сцената, иако употребата на пиротехниката не била пријавена во полициската станица (ПС) Кочани.
За сите обвинети лица, како што појаснуваат од Обвинителството, остануваат во сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката до одлука на надлежниот суд.
Според обвинението, обвинетите полицајци од 14 до 16 март 2025 година не постапиле во согласност со прописите за мерките за заштита одобрувајќи и спроведувајќи план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Кочани, без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во надлежност на МВР, како и дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за процена и управување со ризик при вршење полициски работи.
„Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапување на смрт на 63 лица, а 223 лица добиле тешки телесни повреди и телесни повреди“, појасни Алексова-Трајчева.
Покрај ова, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и обвинителен предлог против девет полициски службеници обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Обвинетите не извршиле целосна и детаљна проверка во врска со издавање позитивна согласност за издавање лиценца за вршење угостителска дејност на кабарето Пулс во Кочани и овозможиле да добие лиценца во 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284.576 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот во вкупен поголем износ од 335.916 денари бруто-плата“, објаснија од ОЈО ГОКК.
Дополнително, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и обвинителен предлог против тројца полициски службеници, кои не ги извршиле своите должности.
„Обвинетите при изготвувањето записници за извршена контрола во клубот, во кои констатирале сторени прекршоци внеле неточни податоци за правното и за одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивно правно лице и против физичко лице со намера за правното и за физичкото лице да прибават имотна корист“, наведуваат од ОЈО ГОКК.
Во однос на уште седум полициски службеници, обвинителката Алексова-Трајчева донела наредба за запирање на истражната постапка. Имено, постапувајќи по наводите од кривичната пријава поднесена од МВР поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, обвинителката во текот на истрагата презела повеќе дејства со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба.
Притоа утврдила дека на овие полицискво временскиот период од 7.12.2012 година до 21 јануари 2022 година, односно на 7 декември 2012 година, 10 февруари 2018 година, 24 јануари 2019 година, 13 јануари 2022 година и на 21 јануари 2022 година.
Имајќи предвид дека надлежноста на специјализираното одделение е воспоставена од 7 ноември 2018 година, од Обвинителството посочија дека предмет на кривично-правна оценка во оваа постапка биле само дејствата преземени од 2019 до 2022 година, а за другите предметот е испратен на постапување во ОЈО Кочани.
„Во конкретниот случај е утврдено дека полициските службеници, во согласност со Законот за угостителската дејност биле надлежни да вршат проверки исклучиво во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир, безбедноста во сообракајот, но не и проверки поврзани со услови за противпожарна заштита и минимално технички услови за вршење угостителска дејност, кои не спаѓаат во нивна надлежност. Оттука, нивните дејства не може да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето пожар критичната вечер. Кривичното дело тешки дела против општата сигурност, за кое била донесена наредба за спроведување истражна постапка, бара постоење директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето по прописите за мерките за заштита и настанатата последица смрт на едно или повеќе лица“, појасни Алексова-Трајчева.
Во конкретниот случај, дејствата на полициските службеници опфатени со овој предмет биле поврзани исклучиво за проверки за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, нешто се однесува само на обезбеден број паркинг-места.
„Иако биле обезбедени докази дека проверките од областа на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот не биле извршени правилно, тие не може да се квалификуваат како кривично дело тешки дела против општата сигурност Обвинителството цени дека овие дејства може да се подведат под правната квалификација за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето во зависност од прибавената имотна корист. За дејствата преземени во 2019 година, имајќи предвид дека клубот пријавил загуба, би се работело за друго дело за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до три години“, појаснуваат од ОЈО ГОКК.
Со оглед дека наредбата за спроведување истрага била донесена на 16 април 2025 година, од Обвинителството посочуваат дека за овие дејства е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење.
„За разлика од тоа, за дејствата преземени на 21 јануари 2022 година од страна на некои од осомничените не е настапена застареност на кривичното гонење. Во согласност со податоците од Централниот регистар, добиени во текот на предистражната постапка, клубот во 2022 година остварил добивка од 284.576 денари поради што дејствата на овие осомничени се подведени под кривичното дело од чл. 353 ст. 3 в.в. со ст. 1 од КЗ за што е и поднесено предметното обвинение“, кажа обвинителката Алексова-Трајчева.
На обвинителна клупа за пожарот во Пулс веќе се наоѓаат 35 физички и три правни лица, меѓу кои се сопственикот на дискотеката, негови блиски роднини, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.






