вторник, 24 март 2026

Охрид СОС: Пропаѓа заштитено културно наследство, Гранит не презема мерки иако објектот е негов

Старото училиште „Св. Сава“, изградено на крајот од деветнаесеттиот век, архитектонски објект во Охрид, заведен во листата културни добра е оставен на забот на времето, иако веќе подолго време е во сопственост на градежното претпријатие Гранит, реагираат денеска од иницијативата Охрид СОС.

Објавено на

часот

Сподели

„Делува малку иронично, најстарото и најголемо македонско претпријатие за изградба, кое располага и со стручен кадар и со технологија, кое изградило толку многу во републиката, регионот и странство, да не реагира соодветно за еден ваков објект во старото градско јадро на Охрид. Ги потсетивме дека она што им е отстапено од страна на Општина Охрид има своја историја и значење и дека титулата споменик на културата или културно добро од особена важност не е само формално доделена од институциите, туку таа претставува и обврска. Овој објект е дел и од културното наследство на Охридскиот Регион кое е на листата светско наследство на УНЕСКО“, пишува во реакцијата на Охрид СОС.

Според Иницијативата, објектот забрзано деградира и постои опасност од уривање доколку не се преземат итни мерки. Посочувуваат дека веќе се урнати делови од подот, а меѓукатната конструкција е уништена.

„Во таа насока, побаравме информации за нивните намери, дали имаат изготвено план за итна реконструкција и реставрација на објектот, со приоритет да се зачува изворниот изглед и специфики на објектот. Пропаѓа фасадата, а веќе подолго време делови од објектот се покриени со бујна вегетација. Градежното претпријатие има законска обврска и одговорност, како имател на културно наследство во рамките на заштитеното подрачје, за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство во рамките на заштитеното подрачје“, велат од Охрид СОС.

За нив е сомнително тоа што Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство воопшто не реагирале за овој објект до новиот сопственик, имајќи ја предвид неговата историска важност.

„Во Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е наведено дека ‘националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид е одговорна за преземање заштитно-конзерваторски мерки во заштитеното подрачје во согласност со Законот за заштита на културното наследство’. Крајно време е да го повикаат на одговорност имателот на културното наследство со оглед дека не го почитува законот и да иницираат итна заштита на објектот пред да биде доцна“, децидни се од Охрид СОС.

 

Оттаму тврдат дека ретки се објектите кои сè уште ја имаат својата изворна состојба, а она што со децении се преферира е т.н. факсимилна обнова, која обично се применува на објекти кои настрадале во одредени природни непогоди или во вонредни околности како што е војна.

„Кај нас, во мирнодопски услови се дозволува тотална деградација и губење на објектот, за дури потоа да се подигне негов ‘факсимил’. Допрва треба да се донесат и деталните урбанистички планови за деветнаесетте урбани комплекси кои го сочинуваат старото градско јадро како и планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид, а кои требаше да се изготват уште пред десет години. Во меѓувреме неповратно се изгубени десетици уникатни објекти, изградени се несоодветни градби па дури и висококатници во самото старо градско јадро и неговата контактна зона“, реагираат од Охрид СОС.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ