понеделник, 23 март 2026

Охрид СОС иницира заштитна зона околу Билјанини извори

Треба да се воспостават санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар. Пред само неколку недели, во Струга, видовме што значи кога тие зони не постојат и зошто тие мора да постојат, се вели во иницијативата на еко-здружението Охрид СОС што денеска беше испратена до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за здравство.

Објавено на

часот

Сподели

Билјанини извори се воден ресурс во чувствителен регион, жариште на биолошка разновидност, во простор кој граничи со заштитени подрачја како Студенчишко Блато и Охридско Езеро, а кој наместо да се штити, масовно и насилнички се урбанизира, велат од Охрид СОС.

„Без јасно утврдени заштитни зони, ризикот по питката вода за Охрид не е хипотетички – туку реален и растечки. Законот е јасен: ваквите зони мора да постојат. Прашањето е зошто сè уште, со децении не се воспоставени. Со оваа иницијатива бараме итен ангажман на институциите, а не откако ќе има последици по здравјето на луѓето и животната средина. Заштитата на водата не смее да биде реакција – таа е должност“.

Во член 398 од Законот за водите предвидено е задолжително воспоставување на санитарно-заштитни зони за водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење.

„Со овој допис формално иницираме почнување на постапка за утврдување и прогласување на санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар, на територијата на Општина Охрид. Согласно законската рамка, надлежноста за започнување и водење на постапката за утврдување на заштитни зони е во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање, додека Министерството за здравство учествува со стручно мислење од аспект на заштита на јавното здравје. Просторот околу изворите во последните години забрзано се урбанизира и е изложен на интензивирачки антропоген притисок, што создава реален и зголемен ризик по квалитетот и безбедноста на водата, како и по интегритетот на поврзаните екосистеми. За водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење задолжително се утврдуваат потесна санитарна зона и пошироки заштитни зони. Иако водата од Билјанините извори – Беј бунар со децении се користи за водоснабдување на Општина Охрид, законската обврска за прогласување заштитни зони до денес не е исполнета. Бараме Министерството за животна средина и просторно планирање да почне управна постапка за утврдување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар; да иницира изработка на соодветна хидрогеолошка и санитарна студија, која задолжително ќе ги земе предвид еколошките карактеристики и чувствителноста на поширокиот простор, вклучително и непосредната поврзаност со заштитените/високо вредни подрачја како Студенчишкото Блато, Мазија и Охридското Езеро; по обезбедување на потребните мислења, да достави предлог до Владата за формално утврдување на заштитните зони.

Очекуваме по оваа иницијатива да се постапи во законски предвидениот рок, односно најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот, со донесување на соодветен акт или известување за преземените дејствија“, се вели во иницијативата на Охрид СОС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ