Цените за новогодишниот пречек, во споредба со минатата година, се зголемени. Хотелиерите и угостителите велат дека тоа е резултат на повисоките трошоци за репроматеријали и прехранбени производи.
И во рестораните низ градот владее голем интерес – слободни места веќе и нема. Цените варираат од 45 до 100 евра во зависност од категоријата и локацијата на објектот. Некаде во цената се вклучени настапи на познати естрадни уметници и неограничени пијалаци, додека на други места цената се однесува само на свечена вечера со посебна наплата за пијалоците. Дел од локалите ќе работат и со „отворен влез“, без организиран дочек и со редовни цени.
Во кафулињата влезот со закуска изнесува околу 2.000 денари, а пијалоците се наплаќаат по редовен ценовник.
Традиционалниот дочек на отворено ќе се одржи на Градскиот плоштад, со богата музичка програма, настапи на локални уметници и новогодишен огномет. Забавата веќе почна со програма за најмладите, а вечерва кулминацијата ќе биде со настапите на Влатко Лозаноски, Ефто Пупиноски и Ѓоко Танески.






