сабота, 10 мај 2025

Ограничувањето на маржите завршува на 30 април, ако се зголемува инфлацијата ќе има и други мерки

Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и дел од средствата за хигиена и одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи завршуваат на крајот на овој месец. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вели дека ќе се следи ситуацијата и доколку има потреба, ќе бидат донесени други мерки.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние ќе ја следиме ситуацијата, ако случајно се зголемува инфлацијата, ќе постапиме соодветно и ќе донесеме други мерки“, рече Дурмиши на денешната прес-конференција.

Според него, двете мерки ги дале очекуваните резултати затоа што според податоците на Државниот завод за статистика, во март инфлацијата бележи намалување на годишно ниво од 2,7 проценти, а во однос на февруари дефлација од 1,3 проценти.

На предлог на Министерството за економија беа донесени одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи на производи и одлука за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи. Одлуките стапија на сила од 20 февруари и траат до 30 април.

Од петок, трговците на мало ќе треба и јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Цените треба да бидат објавени во посебен дел од веб-страницата и да бидат достапни без регистрација или дополнителна најава на веб-страницата. Ова произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи кои беа донесени во март.

„Измените на законот стапија на сила на 4 март и со нив е предвидено во рок од 45 дена од објавувањето на законот во Службен весник, секој трговец на мало и големо да ја објави тековната продажна цена на производите. Согласно законските измени и правилникот што го изготви Министерството за економија и труд, трговците почнувајќи од 18 април ќе мора да ги објавуваат цените на својата веб-страница“, рече  Дурмиши на прес-конференцијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ