Осомничениот апелациски судија се товари за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот (чл. 359-а ст. 3 во врска со ст. 1) и перење пари и други приноси од казниво дело (чл. 273 ст. 1) бидејќи во домот на неговите родители во Неготино полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија Ристов да му биде определена мерка – куќен притвор.
Освен оваа мерка, како што дополнија, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.






