. Кога се евидентираше присуството на обвинетите, адвокатите приговорија дека нивните клиенти добиле само покана за судско рочиште, но не го добиле обвинителниот предмет и листа со докази. Воедно не беше присутен и претставник на обвинето правно лице.
Судијата Елведин Ферати истакна дека не се исполнети услови за одржување на главна расправа и судењето го одложи за 17 септември во 10 часот и 30 минути.
„Ние досега не сме имале обвинение, така што денеска првпат не се соочуваме со ова. Ни треба време за да се спремиме да видиме за што се работи. Долго време се зборува за оваа работа. Ќе видиме, ќе контактираме со адвокатите да видиме за што се работи. Засега ништо повеќе не можам да кажам, зашто не ни знам што што можам да кажам“, изјави Артан Арслани, еден од обвинетите за медиумите по излегувањето од судницата.
Во декемри 2024 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираше дека по спроведена сеопфатна истражна постапка до Основниот кривичен суд Скопје има поднесено обвинителни акти против четири луѓе и за едно правно лице.
Обвинети се Себи Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово „Урбан план констракшн“, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески -Смок” – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и в.д, директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.
Обвинителството тогаш објави дека првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело несовесно работење во службата.