„Весникот повеќе од една декада и половина, претставува вистински столб на македонската заедница во Албанија и место каде секој член може да ги најде најновите вести, информации и случувања од нашата татковина, од Албанија и од секојдневниот живот на македонската заедница“, рече таа.
Во тој контекст, упати искрени честитки по повод овогодишниот јубилеј, нагласувајќи ја и поздравувајќи ја клучната улога на претседателот на Македонското друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај, кој истовремено е и главен и одговорен уредник на весникот.
„Неговата несебична посветеност, секојдневен труд и визија го направија ‘Илинден’ глас кој ја обединува заедницата и ја негува македонската култура. Важно е да се нагласи дека издавањето на весникот е овозможено и благодарение на поддршката од македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое дава финансиска помош во вид на средства за проекти за неговото редовно објавување. Честитки за 15 години успешна работа и уште многу идни успеси“, посака Стојмировска.

Искрени честитки до македонското друштво „Илинден“ и до неговиот претседател Никола Ѓурѓај за нивната несебична посветеност, истрајност и љубов кон ова значајно дело, упати во своето обраќање и Васил Стерјовски, во своето обраќање претседателот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
„Македонците во Албанија се соочуваат со бројни предизвици, пред сè поради недостигот на институционална поддршка. Тоа е реалност со која живееме. Но, и покрај тоа, нашиот дух не е скршен. Напротив, токму преку вакви иницијативи покажуваме дека сме тука, дека постоиме и дека имаме што да кажеме. Му посакувам на весникот ‘Илинден’ уште многу години успешно постоење и заедно да прославиме уште многу значајни јубилеи“, рече Стерјоски.
Претходно во своето обраќање на свеченоста, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник, меѓу другото рече дека досега се испечатени 71 изданија и оти весникот предизвикал голем интерес кај „македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот“.






