Заменик министерот за здравство Јовица Андовски рече дека хроничната бубрежна болест претставува интернационален здравствен проблем ширум светот и кај нас, а најчести причини за оштетување на бубрезите се дијабетот и покачениот крвен притисок.
– Во нашата држава околу 85 проценти од овие пациенти се третираат со хемодијализа, а околу 15 отсто со трансплантација. Во оваа прилика сакам да апелирам за значењето на трансплантацијата како чин на спасување живот и највисок израз на човечката солидарност. Со заедничко подигнување на јавната свест за важноста на трансплантацијата, ќе придонесеме за спасување човечки животи и поздрави идни генерации, подвлече Андовски.
Тој информираше дека се прават измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со цел да се олесни пристапот до донор и да се зголеми прагот, односно да може да донираат и подалечни роднини.
„Се очекува до крајот на април тие да бидат изгласани во Собранието. Се разгледува и можноста за донорска картичка, што ќе значи дека волјата на секој ќе биде таа што ќе доминира, откако тој ќе почине, а не членовите на семејството, имајќи предвид дека во последниот период има серија одбивања од семејства за давање согласност за донирање. Ова значи дека го зголемуваме нивото за тоа кој може да биде жив донор, односно може да се оди плус едно ниво подолу на таа линија на семејна врска“, соопшти Андовски.
Заменик министерот за здравство истакна дека во рамки на активностите на националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска и годинава се дава посебен акцент на бубрежната трансплантација. Имало седум болнички координатори, национален координатор и заменик национален координатор, кои ги следат постојано потенцијалните дарители.
„Од техничка и инфраструктурна гледна точка сме многу блиску до европските стандарди и ќе продолжиме да инвестираме во човечки капацити, во инфраструктура и во технологии за да може граѓаните во реално време да добиваат здравствени услуги“, нагласи Андовски.
Министерството за здравство дава силна и безрезервна поддршка за караванот трибини за подигнување на свесноста за органодарителство, посочи тој, досега се одржале трибини во два града на тема за органодарителство, а третата ја најави во Штип на 27 март.
„Настанот на оваа важна тема е поттикнат од граѓанска иницијатива и со учеството на врвни лекари, трансплантациски експерти, координатори за трансплантација, пациенти на кои им е извршена трансплантација, донори и претставници од МПЦ и ИВЗ. Целта е да се отвори прашањето и просторот за дискусија, да зборуваме за законот и правата, за медицинските факти и дилеми, за прашањето за верата и органодарителството преку ставовите на верските заедници, да ги слушнеме животните приказни на пациенти кои чекаат орган и на тие кои го дочекале повикот за трансплантација“, додаде Андовски.
Тој истакна дека Министерството за здравство на годишно ниво изготвува Програма за обезбедување на трошоците за болни кои се третираат со дијализа.
„Со неа се опфатени лица на хемодијализа без здравствено осигурување, набавка на вакцини за хепатит Б, како и за превенција на хемофилија по пат на едукативни активности“, додаде Андовски.
Тој кажа дека се прават максимални напори, преку унапредување на легислатива и инфраструктура, да се подигне степенот на здравствена услуга за граѓаните да имаат поголема доверба во здравствениот систем.
„Многу поквалитетен живот имаат пациентите кои имаат трансплантиран бубрег, отколку пациентите на хемодијализа. Загрижувачки се фактите дека листата на чекање на пациенти кои имаат потреба од дониран бубрег се зголемува, а се намалува листата на потенцијални донори“, посочи Андовски, апелирајќи да се зголеми свеста за органодарителството.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски најави дека годинава ќе бидат зголемени количините на современи лекови достапни на Клиниката за нефрологија, но и на клиниките за ендокринологија и кардиологија, заради преклопување на дијагнозите на овие три клиники.
„Ќе работиме на широка достапност на овие лекови преку аптеките. Веруваме дека воведувањето нови современи терапии значително ќе ја подобри состојбата на пациентите со бубрежни проблеми. Со измена на правилата за дијализа, ќе обезбедиме да се постигне поголема мобилност на пациентите со дијализа, заради деловни или кои било други причини. Ова покажува дека сме фокусирани на приоритетите на пациентите и на нивните барања, тука сме да работиме на унапредување на здравствената заштита“, рече Клековски.
Претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани – „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев рече дека ова здружение денеска го одбележува 20. по ред Светски ден на бубрегот во државата.
На настанот беше потенцирано дека раното откривање на хроничната бубрежна болест може да спаси животи. Со едноставни неинвазивни проверки преку крвта и урината може да се открие во рана фаза, а со навремени и достапни интервенции и терапии може да се спречи или одложи напредокот на болеста до крајниот стадиум кога е неопходно лекување со дијализа или трансплантација.
Беше кажано дека кај многу пациенти болеста се открива во доцна фаза, кога оштетувањето на бубрезите е напреднато.
Следуваше дискусија за бубрежните болести – превенција, рано откривање, третман и предизвици со што се соочуваат бубрежно болните лица во државата.
МИА






