Димитриевски потенцираше дека ЗНАМ и тој лично никогаш нема да се откажат ниту од Куманово, ниту од Центар, ниту од кое било друго место во Македонија затоа што „нашата борба е за Македонија како подобро и праведно место за живеење за сите граѓани“.
„По овие локални избори, ЗНАМ ќе го води срцето на Скопје – општина Центар. Ќе имаме советници кои ќе играат клучна улога во сите 53 општини каде настапуваме со свои листи, но и во Градот Скопје. Затоа што ЗНАМ има најдобри кандидати – угледни луѓе кои ќе внесат нов квалитет и чесност во работењето на советите“, нагласи Димитриевски.
Пред присутните се обрати и кандидатот за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, кој јасно порача дека ја прифатил кандидатурата поради вербата дека ЗНАМ е подготвена да донесе промена.
„Доста е од хаосот во Центар. Урбанистички, сообраќаен, комунален и еколошки хаос – тоа е сликата што ја оставија оние што владееја. Време е за ново лице на Центар – почист, побезбеден, со светли улици, слободни тротоари, повеќе паркинзи, обновени детски катчиња и паркови. Центар што ќе биде шампион во транспарентност и пристапност“, истакна Лабудовиќ.

На конвенцијата говореше и носителот на советничката листа на ЗНАМ за Град Скопје, генерал Горанчо Котевски.
„Во политиката не сум влегол за кариера, туку од чувство на должност. Скопје денес е во катастрофална состојба поради лошо управување. Ние сме подготвени да ја преземеме одговорноста за поурбанизирано, поорганизирано и почисто Скопје. Затоа го прифатив овој предизвик – за да го вратиме достоинството на главниот град“, порача Котевски.

Движењето ЗНАМ за првпат настапува на локални избори со самостојни листи за советници во 53 општини и во Градот Скопје. Со взаемна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ влегува во трката за градоначалнички позиции во општините Куманово и Центар.
„Ова не се избори само за градоначалници и советници. Ова е избор помеѓу хаос и ред, меѓу корупција и чесност, меѓу старото и новото. ЗНАМ носи нова политика – чесна, одговорна и државотворна. Македонија заслужува подобро, а ЗНАМ знае како тоа да го постигне“, велат од ЗНАМ.






