„Една од точките ќе биде секако пресметувањето на просечната потрошувачка кошничка, којашто беше дадена на увид на синдикатите и работодавачите да ја видат, доколку ја одобрат. Од 1 јануари ќе се пресметува покрај синдикална минимална кошничка, ќе имаме и просечна потрошувачка кошничка на ниво на Република Македонија, која нас ќе ни користи како економија и Влада за понатамошни стратегии во економските политики и секако за зачувување на животниот стандард“, вели Ристески.
Прашан кои параметри ќе бидат земени при пресметката на новата просечна потрошувачка кошничка, Ристески вели дека ќе се земаат цените од најголемите супер маркети.
„Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината“, вели Ристески.
Тој додаде дека ова нема да биде единствена кошничка, која ќе се пресметува за првпат од официјална институција.
„Понатаму рачунаме да се пресметуваат и други кошнички какошто е за двочлено, трочлено семејство, бидејќи оваа просечна ќе биде за најмалку за четири члено семејство, потоа за пензионери итн. Тоа се понатаму ставови, коишто треба да ги разговараме и договараме во рамките на Економско-социјалниот совет“, вели Ристески.
Што се однесува за минималната плата, Ристески посочи дека ние имаме постојан Закон за пресметување на минимална плата.
„Така да порамнувањето треба да се случи кон крајот на март, 31 март 2026 година. Меѓутоа ние сме секако отворени, транспарентни како Влада и Министерство за економија и труд, да ги послушаме и синдикатите и работодавачите. Доколку важи она што е предложено пред синдикатите и работодавачите, доколку се договорат за промена на постојната формула, за повисока плата, ние како Влада тоа ќе го испочитуваме. Се додека не се договорат ние имаме Закон кој мора да го почитуваме и според тој Закон според пресметките зголемувањето на минималната плата треба да изнесува од 1.700 до 2.000 денари“, рече Ристески.
Тој денеска уште кажа дека Законот за нефер трговски практики е одличен зошто првпат го регулира односот помеѓу добавувачите и трговците. Тој посочи дека од она што го имаат увидено и од функционирањето, бидејќи тој Закон е под надлежност на Комсијата за заштита од конкуренција, беа откриени неколку картели, кои беа поврзани со едно, како што вели, неправилно и непазарно покачување на цените на одредени производи во маркетите.
„Пред сѐ, ги знаете и казните кои беа изречени за маркетите и за Стопанските комори, кои учествуваа во тоа организирање. Знаеме дека и во однос на другите закони, Закон за заштита на потрошувачи имаа картелско здружување и откриено осигурателни компании итн. Има уште 30-тина други предмети, коишто се во тек, се работат и за брзо време ќе слушнете, какви се резултати има Комисијата за заштита на конкуренција, која мора да ја пофалам дека ги дава и првите резултати, а тоа во многу ќе значи пред се за почитување на пазарните принципи на економијата во Македонија, да не се изигруваат тие, да немаме картелски здруженија, а од друга страна се она што е предвидено со Законот за заштита на потрошувачи треба да го почитуваат пред се трговците, меѓутоа и добавувачите“, рече Ристески.
Тој ја пофали и работата на инспекторите во Државниот пазарен инспекторат, кои имаат секојдневни контроли.
„Да ги пофалам и нив дека во текот на оваа година имаат направено преку 20.000 надзори и досега се изречени преку 150 милиони денари казни за оние кои не ги почитуваат законите во Република Македонија, а се поврзани со формулирањето на цените на стоките, кои директно ги погодува стандардот и џебот на граѓаните. Тоа е некаде околу 2,5 милиони евра и врз база на тоа ќе се градат понатамошните политики“, посочиРистески.
Заменик-министерот за економија и труд најави дека ќе се зголемуваат и казните во Законот за заштита на потрошувачи.
„Сметаме дека наредната година повеќекратно ќе биде зголемена казната, која сега изнесува 20.000 евра, меѓутоа сметаме дека тоа е многу мала казна за поголемите трговци и маркети, коишто можат да ја поднесат оваа казна и да продолжат со едно такво неправилно работење. Доколку повеќекратно се зголеми, тогаш верувајте дека ефектите ќе бидат поголеми, а секако тоа е во интерес на заштита на животниот стандард на граѓаните“, рече Ристески.
Прашан, дали Владата размислува за правење на новогодишна кошничка, со која би се намалиле цените на прехранбените производи, Ристески со став дека кошничките беа направени поради големото галопирање на цените, кое било предизвикано од едно неправилно, неекономско пазарно работење во претходниот период и, како што вели, „горе-доле се стабилизирани цените, иако се се уште многу високи, бидејќи степенот на инфлација е стабилен и е некаде околу 4 проценти, се уште е висок и тенденцијата е да се намалува степенот на инфлација“. Тој додаде дека со овие кошнички можеби се намалуваа цените, но по нивното завршување се бележеше и покачување на цените и зголемување на инфлацијата.
„Спрема тоа понатаму ќе ја следиме ситуацијата, никогаш не е исклучена ниту една мерка од страна на Министерството за економија и труд и Владата, но не е само овие кошнички ограничување на маржи, има и други начини и методи како да се влијае. Меѓутоа ние сакаме самата пазарна економија во иднина да ги стабилизира цените и да постепено се подобрува животниот стандард“, рече Ристески.
Тој истакна дека Владата за наредната година има проекција на инфлацијата од два до три проценти што е еден европски просек и нормална стапка на инфлација.






