Добивањето на виза, дозвола за работа и престој во Македонија не е баш едноставен и евтин процес, но бројот на пријавените непалски работници секоја година се зголемува. Она што се забележува е дека по краток престој нивниот број брзо и се намалува. Само вчера во полицијата било пријавено исчезнување на седум државјани на Непал.
Во полициската станица во Берово пред два дена Д.В. (44), раководител на правен субјект од Пехчево, пријавил дека нивен 38-годишен вработен од Непал, со привремен престој во Пехчево, се оддалечил од местото каде што престојувал.
И во Свети Николе, В.М. (34), управител на приватна фирма, пријавил дека петмина негови вработени – лица од Непал, со привремен престој во Свети Николе, на возраст од 27 до 38 години, го напуштиле местото каде што престојувале.
Во полициската станица Бит Пазар, С.Л.Х. (41) од Скопје, претставник на правно лице, пријавил дека од местото каде престојувал се оддалечил О.Б. (34) од Непал.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на овие лица. Но, нема податок за тоа дека некој од избеганите Непалци е пронајден и вратен на работа во македонската компанија.
И така веќе две години вакви вести ги полнат дневните билтени на МВР. Само во последните четири месеци регистрирано е „исчезнувањето“ на триесетина работници од Непал.
Агенцијата за вработување за првите шест месеци од годинава издала 746 дозволи за работници од Непал. Од МВР пак велат дека во првите шест месеци во земјава влегле 259 Непалци, а ја напуштиле 159.
Претпоставка е дека Македонија за работниците од оваа јужноазиска држава е само попатна станица за во земјите на ЕУ.






