среда, 25 март 2026
Нови сведоштва на судењето за трагедијата во Кочани

Од магацин за теписи до дискотека: кој дозволи Пулс да стане смртоносна стапица?

Како објектот во кој работеше дискотеката Пулс во Кочани, а каде што на 16 март минатата година загинаа 63 лица и над 200 беа повредени, од магацин за теписи станал објект за забава и одржување концерти? На ова прашање денес одговори се бараа од градежниот инспектор Драги Илиевски, кој беше сведок на судењето за трагедијата, кое се одржува во Идризово, а во кое на 35 физички и три правни лица им се суди за тешки дела против општата сигурност и за помагање.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Како вработен во Општина Кочани и одговорен за проектна документација за паркинг-просторот околу местото согласно со урбанистичките планови, овој сведок рече дека првообвинетиот Дејан Јованов, односно газда Деко, на 2 октомври 2012 година поднел барање до Општина Кочани, а Општината еден месец потоа му одговорила дека по увидот во Деталниот урбанистички план (ДУП) на Кочани, на местото каде што тој барал дозвола за паркинг се предвидени јавни паркиралишта со капацитет до околу 40 возила, кои може да ги користат сите, па и тој.

Прашањата на Обвинителството до сведокот беа во насока на тоа дали вработените во Општината и локалната власт што тогаш раководела со градот Кочани знаела каква намера има Деко со барањето поднесено од ДМ Класик и дали знаеле дека тој планира да отвори дискотека.

„Дејан Јованов бара, општината му одговара, ама Дејан бара користење на паркинг простор. Кога добивме сознанија, односно разбравме дека таму ќе има дискотека, ние го поништивме ова барање со решение, бидејќи тие паркинзи се за лесна индустрија, а не за дискотека и ноќни барови, и тоа барање е доставено до Дејан Јованов. Претходниот градоначалник Ратко Димитровски имаше сознание дека таму ќе се отвора ноќен клуб и поднесе барање до Министерството за економија за информација дали на компанијата ѝ имаат издадено лиценца за отворање диско од 19.10 2012 година. За ова барање почекавме да добиеме повратна информација, но не бевме удостоени со повратен одговор и во договор со градоначалникот јас пишав барање на 6.11.2012 до ДПИ, во кое бараме да не се издава лиценца за дискотека. Овие паркинг места се за лесна и незагадувачка индустрија Г2 и тие се наменети за друго и нема доволен капацитет за тука да има дискотека. Тука, во тоа барање, се дадени прилозите, односно сите документи. Се зборуваше по градот дека ќе се отвора дискотека и се запрашавме како може тука да се отвори дискотека, кога тоа е со друга намена“, појасни сведокот.

На ова обвинителите прашаа како може магацин за теписи да стане дискотека, и нели тој објект требало да претрпи промени, дали тоа не било доволно за градежната инспекција да реагира и да види што се случувало внатре?

Но на ова сведокот одговори дека градежна инспекција не можела да делува бидејќи надвор немало некои градежни активности.

Општина Кочани за Пулс чекала одговор од ДПИ, институција во истата зграда, со нула комуникација

По ова следуваше прашање од Обвинителството како може да не е направена инспекција ако ДПИ и Општина Кочани се во иста зграда?

На ова сведокот одговори дека тие немаат ингеренции во делот на инспекцијата.

Во моментите кога сведокот појаснуваше за термините лесна и незагадувачка индустрија, адвокатот Петре Шилегов, кој претходно беше градоначалник на Скопје, се надоврза дека тоа е нешто како Алкалоид и Пивара. На ова судијката Диана Груевска Илиевска му рече: „Вие зборувате градоначалнички, ама нам ни треба сведок.“

Залудни беа прашањата на Обвинителството како никој не направил инспекција во Пулс кога од магацин за теписи овој објект требало да стане дискотека, бидејќи сведокот до крај остана на тврдењето дека не можеле да реагираат бидејќи надвор немало градежни активности.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Починаа 63 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ