вторник, 10 февруари 2026

Од Кран Монтана до Кочани: Идентична анатомија на негрижата

Додека швајцарските власти ја продолжуваат истрагата за трагедијата во барот „Ла Констеласион“ (Le Constellation), фокусот на јавноста и на правните експерти сè повеќе се насочува кон техничките факти кои ноќта на 1 јануари 2026 година, го претворија барот во масовна гробница. Прашањето веќе не е само „кој го запали огнот“, туку „зошто објектот гореше на начин што не остави шанса за спас“. Анализата на употребените материјали при реновирањето открива застрашувачка вистина дека гостите не беа убиени само од пламенот, туку од свесните одлуки на сопствениците да заштедат на сметка на безбедноста.

Објавено на

часот

Сподели

Искрата можеби е почеток, но брзиот и силен пожар е последица на материјалите кои се користени во реновирањети, а високиот број на починати на промените во ентериерот на локалот.

Полиуретанската пена: Смртоносна стапица на таванот

Клучниот елемент во оваа трагедија е акустичната изолациска пена со која бил обложен целиот таван и ѕидовите на подрумскиот дел. Истрагата откри дека сопственикот Жак Морети сам ја набавил и ја поставил оваа пена, купувајќи ја од продавница за техничка стока без соодветни проверки за нејзината намена во јавен објект.

Швајцарските медиуми пренесуваат детални објаснувања од стручњаците за тоа што се случува кога ваков материјал ќе дојде во контакт со искра. Во текстот на RMC Découverte насловен „Пожарот во Кран Монтана: Откритија за една трагедија“ објавен на 3 февруари 2026, Франк Мајар, потполковник на швајцарската противпожарна единица, дава застрашувачка изјава: „Кога овој тип на полиуретан се пали, тој ослободува јаглерод моноксид, но што е уште поопасно – цијановодород и хлороводородна киселина. Тоа се вистински бојни отрови. Доволно е да вдишете само два или три пати од овој гас за веднаш да ја изгубите свеста“.

Токсичните гасови го предизвикале феноменот „flashover“, односно моментот кога целиот воздух во просторијата се претвора во пламен за само неколку секунди. Просторијата практично станува една голема „факла“, каде топлите гасови под таванот од локалниот пожар предивикуваат целосно развиен, неконтролиран пекол.

Ентериерот како сојузник на смртта

Улогата на ентериерот во оваа трагедија не е само во неговата запаливост, туку и во неговата конфигурација. Извештајот на SwissInfo од 2 јануари 2026 година („Swiss bar fire likely started by sparklers“), наведува дека истрагата се фокусира на тоа како реновирањето извршено во 2015 година директно придонело за високата смртност.

При естетското реновирање, скалите кои водат од подрумот до приземјето биле стеснети за половина. Поранешниот менаџер Ерик Досдо, во изјава за RTS на 12 јануари 2026, вели: „Не разбирам зошто ги намалија скалите до толкава мера. Веројатно за да изгледаат поубаво“.

Резултатот беше фатален: 34 од 40-те жртви беа пронајдени заглавени токму на дното на тие претесни скали, немоќни да се пробијат низ тесниот простор додека токсичниот чад им ги полнел белите дробови.

Оваа трагедија болно потсетува на случајот со дискотеката „Пулс“ во Кочани, Македонија. Иако географски далечни, техничките факти се речиси идентични. Во двата случаи, профитот и естетиката беа ставени пред инженерските стандарди. Како и во Кран Монтана, каде сопствениците Морети свесно користеле лесно запалива пена за да го „разубават“ просторот, така и во Кочани видовме како несоодветните материјали и препречените патеки за евакуација стануваат сојузници на пожарот.

Правната квалификација во Швајцарија сега се движи кон „убиство од небрежност“. Медиумот Ле Фигаро во ексклузивниот текст „Нови докази против сопствениците на Constellation“ од крајот на јануари открива видео снимки од 2020 година каде келнер ги предупредува гостите: „Внимавајте на пената!“, што докажува дека сопствениците биле свесни за ризикот, но не презеле ништо.

Техничките факти како темел за правна одговорност

Целта на оваа анализа е да потенцира дека во вакви случаи, техничките грешки не се „несреќни околности“, туку индиции за кривична одговорност. Типот на изолација не е само архитектонски избор, туку одлука за животот на гостите. Кога сопственикот Жак Морети призна пред истражителите: „Јас сам ја заменив пената на таванот“, тој всушност призна дека ја поставил основата за трагедијата.

Како што пренесува Ле Монд на 6 јануари 2026, во текстот „Швајцарските власти признаваат пропусти по пожарот во барот“, општината признала дека немало безбедносна инспекција од 2019 година. Овој институционален вакуум им овозможил на сопствениците да создадат објект кој во својата суштина бил „тивка смртоносна стапица“.

Останува на судот да одлучи дали овие технички факти ќе доведат до најстрога казна, но за семејствата на жртвите вистината е веќе јасна: нивните деца не беа убиени од искри, туку од материјалите што никогаш не смееја да бидат таму.

Случајот во Швајцарија покажува дека вистинската правда во вакви случаи не се мери со бројот на приведени, туку потребно е да се лоцира индивидуалната вина таму каде што е создадена опасноста. Во европската пракса, заклучени или блокирани излези, стеснети евакуациски патеки и свесно вградување материјали што во пожар стануваат отров не се „административни пропусти“, туку дејства на директни чинители и одлуки со предвидлива последица. Токму затоа, со обемот на докази што покажуваат како „ Ла Констеласион“ бил физички претворен во стапица, обвинителството има подготвен пат за директна одговорност на сопственикот и неговите најблиски соработници.

Истата логика важи и кај нас, ако објектот е уреден така што во пожар станува стапица, вината мора да се бара таму каде што се донесувале одлуките. Обвинението треба да ја следи причината за смртта до нејзиниот извор. Во Кран Монтана, таа причина не е само искрата, туку одлуките што однапред го „програмирале“ објектот да не остави шанса за спас. Во Македонија, Јавното обвинителство сега е во период на привремено ново водство, а наскоро и со трајно раководство, кое ќе добие шанса да ја одбрани стручноста и да направи проверка на овој предмет.

Р.Ф.

(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)

Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ