Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – март годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина, кои учествуваат со 47.3 проценти во вкупниот обем на размената. Земјите-членки на Европската Унија учествуваат со 60.1 процент во вкупната размена.