недела, 15 февруари 2026
Статистика

Од домашниот буџет најмногу пари одат за храна и пијалаци, најмногу се јадело леб и компир

Домаќинствата годинава половина од домашниот буџет – 50,8 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 172,3 кг и компир – 64 кг, додека говедско, телешко и јунешко месо – 16,9 и риба – 18,4 килограми. Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 181,6 литри и млеко – 73,4 литри.

Објавено на

часот

Сподели

Ова го покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, на Државниот завод за статистика.

Над половина од семејниот буџет во 2024 година одел за храна и безалкохолни пијалаци, односно по околу 159.750 денари.

За храна домаќинствата во просек најмногу трошеле за месо – 38.397 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 30.411 денари, за производи од жито – 25.079 денари, за зеленчук – 21.373 денари, за овошје – 9.932 денари, за шеќер и чоколади – 7.409 денари, други прехранбени производи – 6.375 денари, за масло и маснотии – 5.160 денари, и најмалку за риба – 4.369 денари.

Најмногу се јадело леб – 172,3 килограми и компир – 64 килограми. Во просек на семејната трпеза имало по околу 25 килограми – тестенини и ориз, млеко – 73,4 литри, сирење – 32,4 килограми, 609 јајца, но и чоколади и кекси – 22,7 килограми и шеќер – 19,8 килограми.

Од зеленчук во просек се јадело по 33 килограми домати, 30,4 килограми пипер, 29,5 килограми зелка и 19,2 килограми краставици. Грав – 14,9 килограми, а грашок и боранија 0,7 килограми.

Од овошје најмногу се јадело јужно – 70,2 килограми, потоа бостан – 33,5 килограми и јаболка – 31,4 килограми. Праски и кајсии – 7,8 килограми, круши – 3,8 килограм, грозје – 3,5 килограми и цреши и вишни – 1,5 килограми.

Од месо најмногу на домашната трпеза имало живина – 45,6 килограми, потоа свинско – 23,6 килограми, говедско, телешко и јунешко – 16,9 килограми и овчо и јагнешко – 0,4 килограми. Свежа и замрзната риба домаќинствата во просек изеле по 16 килограми, а преработки од риба – 2,4 килограми.

Од млеко и млечни производи најмногу се консумирало кисело млеко и јогурт – 76,2 кг, потоа пресно млеко 73,4 литри и сирење – 32,4 кг.

За пијалаци и тутун, најголем дел од домашниот буџет одел за тутун – 14.285 денари, потоа 6.293 денари за безалкохолни пијалаци, за кафе, чај и какао по 4.951 денари, и за алкохолни пијалаци се трошеле 4 309 денари.

Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 181,6 литри, а кафе и какао – 7,8 килограми. Од алкохол најмногу пиво – 28,6 литри, вино – 4,6 литри и жестоки пијалаци – 1,9 литри.

Податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата“, спроведено на 5.040 домаќинства. Анкетирани се 2.914 семејства, додека бројот на членовите на оценетите семејства беше 598.632, од кои најголемиот број 92,7 проценти се неземјоделски (555.079), 5,2% се мешовити (31.373), а само 2% се земјоделски (12.180).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ