Тој најави дека во претстојниот период ќе бидат распишани нови огласи за доделување државно земјоделско земјиште за, како што рече, да се стават во функција и преостанатите површини.
„Овие бројки се доказ дека јавните повици за закуп на државно земјоделско земјиште предизвикаа голема заинтересираност кај земјоделците и тие се успешно спроведени, без можност за каква било селективност. Спроведени се за сите региони од државата, односно опфатено е целото слободно земјоделско земјиште надвор од градежниот реон на општините“, потенцира Трипуновски на прес-конференција во Владата.
Министерот информира и дека на крајот од 2024 година биле распишани пет јавни повици за доставување понуди за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 и над 3 хектари.
„Едниот повик ги опфати површините со насади со што се овозможува легализација на насадите кои ги имаат подигнато земјоделците. Со распределбата и легализација на насадите, ќе се овозможи на сопствениците да склучат договор со Министерството и ќе се стави ред во користењето на земјоделското земјиште во државна сопственост. Земјоделското земјиште е основата на земјоделското производство, секоја педа од земјоделско земјиште во државна сопственост ќе биде транспарентно распределена на секој што сака да ја искористи оваа можност и да се вклучи во процесот на производство на храна“, подвлече Трипуновски.