Екипата на МКД.мк доби дозвола да влезе во најголемиот затвор во Македонија и меѓу останатото, да го посетиме и крилото со најозлогласените убијци осудени на доживотен затвор. Осудени се остатокот од животот да го минат во една просторија и од таму да го гледаат изгрејсонцето и да го чекаат мракот.
Тие велат, вредноста на слободата најубаво ја сфаќате кога ќе го пречекорите прагот на затворот и ќе се најдете зад решетки.
Тргнавме кон Идризово, најавени на затворската управа и со уредна дозвола. Уште пред главната бела порта ни ги одзедоа мобилните телефони. Телефонски повикаа лица со кои ќе може да ја направиме нашата обиколка низ затворот.

Минавме низ дворот, па влеговме во друга просторија каде што службите требаше да ја проверат нашата дозвола и да се уверат дека сè е уредно. Тука ни беше одземено сè што е поврзано со мобилните телефони, слушалки, полначи…
Затворската полиција го отклучи катанецот од големата сина порта. Од лево и од десно висок бел ѕид, а зад него црнила и место каде што светот има една друга димензија.

Живот без слобода, чекори на доживотно осудени, погледи на свирепи убијци, животни судбини со темни дамки, исчекувања на средби со најблиските, заборавени бледи лица, празнини, многу емоции, дилеми и самотија… и на крајот од сè, само една трошка надеж.
Со бавни чекори се движиме и наидуваме на нова контрола, прво на скенер, па на рачен претрес. Ве претресува лице од истиот пол како вас и до најситен детаљ ве прегледуваат што имате на себе.
Овде на ова место се претресува сè што треба да се внесе во просториите во затворот.
По деталниот претрес затворските служби ја кажуваат „лозинката“: Чист. По оваа лозинка може слободно да продолжите, но само неколку чекори. Ќе ве пречекаат нови катанци, кои не ги отвораат ниту магични зборови, ниту лозинки, ниту шифри… Само вистинскиот клуч на униформираните затворски полицајци.
Зад следното чкрипење и кликот на отворениот катанец ве чека видувалната, десно од неа кантина, а близу до нив петте соби за интимни средби.

Столчињата беа празни во видувалната, просторија полна со моменти од средби и разговори на кои осудениците имаат право два пати во месецот.
По две средби во месецот ограничени на два часа имаат и во петте простории за интимни средби, и тоа не сите, туку само за осудениците од затворен тип, оние што немаат право да излезат на слободен викенд и оние што имаат добро поведение.

А, коректното однесување и почитувањето на куќниот ред му дозволи на осуденик за убиство половина од денот, наместо во ќелија, да го мине како продавач во кантината во затворот и за тоа да добива симболичен надомест.
Не стасавме да го прашаме за цените на производите, но затоа пак позборувавме за цената што ја плаќа бидејќи сторил убиство.
Според правилата, со осудениците можеше да зборуваме за стореното само со претходна нивна согласност.
Прв осуденик беше токму тој, продавачот од кантината. Дотеран и соодветно среден како за на работно место, во фармерки и маичка во светла боја под која се криеја темните дамки на животните мигови што му донеле пресврт во животот.
Без размислување се согласи да ни зборува за стореното, за пресудата, за престојот во затвор..
„Овде сум од 2005-та. Затворот ми е дом повеќе од 13 години. Животот го минувам како осуденик за убиство. Прво ме осудија на доживотен затвор, а потоа пресудата беше преиначена и добив затворска казна од 20 години“, ни раскажа осуденикот.
Кога ќе застанете очи во очи со осуденик некако ви се наметнува прашањето дали е виновен, дали сторил убиство.
Ни одговори: „Да, го сторив убиството, но не сум виновен бидејќи беше во самоодбрана. Човекот кого го убив со пушка ѝ беше татко на мојата сопруга. Тој ја уби неа, а јас него. Се сеќавам на секој детаљ, таа падна, а јас пукнав во него. Но тоа не беше убиство со умисла, туку во самоодбрана. Од тој ден немам семејство. Животот овде минува бавно. Се надевав дека можеби нешто ќе се промени, поднесував жалби, но сè беше попусто. Овие мои жалби како да пропаѓаат во земја. А ми оди и пропаѓа времето“, вели осуденикот.
Поради кобниот момент во кој посегнал по животот на таткото на неговата сега покојна сопруга, од него се откажале и двете полнолетни деца. Тие ниту еднаш не го пречекориле прагот на затворот во Идризово и ниту еднаш не го посетиле својот татко.
Од неговата приказна нè оттргна тропање на уште една голема врата и гласот на затворската полиција, која ни напомена дека треба да, одиме кон нови приказни. А, овде во затворот се чини дека има бескрајно многу, барем околу 1.100, колку што има осуденици.
Придружбата во затворот освен одговорноста што ја носеше за безбедно да нè спроведе низ затворот, во раце имаше и неколку испечатени дозволи за согласност кои, според правилата на затворот, секој мора да ги потпише пред да зборува.
Ни рекоа доволно се и тргнавме.
Минавме низ големиот двор каде што нè пресретна големо шеталиште обраснато со трева и во него осудениците што во тој период добиле дозвола за прошетка на воздух од два часа.

Кога гледате во нив, ви се чини како да се на слобода и лесно може да побегнат. Но набрзо пред очите се исправа боцкавата жица и затворската полиција што се наоѓа во нивна близина веднаш зад жицата, како и униформирани и вооружени затворски чувари качени на караулите, кои будно го следат секое движење на осудениците.
А тие, прошетката ја користеа за спортување, тоа се забележуваше и од нивниот изглед. Дел од нив ни довикуваа да ги фотографираме за спомен од местото. Позираа пред објективот на нашиот фоторепортер, но правилата беа јасни, без претходно одобрение нема фотографии, ниту приказна.
Почитувајќи го редот на најголемиот затвор во Македонија продолживме понатаму.
Од виталните и спортски активни осуденици, наидовме на голема табла на која пишуваше „Старечко одделение“.

Во овој дел се наоѓаат највозрасните лица што се осудени за сторени кривични дела.
Во овој дел највисоката казна изнесува 15 години, а најстариот осуденик има 80 години и неговата казна е 8 години затвор.
А од возрасните осуденици овде ви се чини дека постари се затворските ѕидини, како и полиците со книги.

Околу 7.000 наслови овде чекаат да се најдат во рацете на осудениците. Во тесната, но висока библиотека има едно столче кое во овој момент е резервирано за осуденикот-библиотекар. Во затворот во Идризово одлежува казна за 4 години за шверцување мигранти, а тука е само 4 месеци.
За побрзо да помине казната, доброволно се пријавил, дел од времето наместо во ќелија да го мине во затворската библиотека.
Вели, освен со самотијата, се дружи и со пишаниот збор. На денот на нашата посета беше пријателски расположен, се шегуваше на своја сметка и ни откри дека го чита „Примарниот криминалитет“.

На нашето прашање дали, колку и што читаат осудениците од затворот во Идризово, со насмевка ни одговори дека спасот овде го бараат во Библијата и книгите поврзани со верата и Господ.
Излеговме од библиотеката, а службите ни го расчистија патот.
Одделот за доживотните казни се наоѓа на третиот кат. Крилото со број 9 има капацитет за 45 лица, а во моментов е дом на 37 осуденици, кои се осудени остатокот од животот да го минат во ќелија и тука да ја дочекаат смртта. Од нив 36 се осудени за кривично дело убиство, а само еден е за полов напад врз дете што не наполнило 14 години.

Овие луѓе немаат право на слободен викенд, немаат право на одмор. Сè што имаат е право на посета и надеж дека можеби ќе добијат помилување за кое треба да се исполни минималниот услов, односно да се одлежат 20 години затвор.
Казната доживотен затвор законот ја смета за казна што е поблага од смртната казна. Но за осудениците доживотниот затвор е потежок од смртната казна, оти, како што велат, наместо наеднаш, умираш чекор по чекор.
Нашата екипа чекореше до третиот кат до 9-тото крило. Чекоревме полека, а околу нас решетки, жицата полна со пајажини, тежок мирис на ладен бетон, на прав, на празен воздух, обесени алишта….
Звукот на чекорите на нашата екипа и на затворските чувари што одеа со нас го измеша тап и тежок звук на движење. Кога го кренав погледот, видовме сенка од силуета, а набрзо потоа маж во светли панталони, црна маичка, под која наѕираа нецелосни и измешани тетоважи. Се сврте кон мене, а погледот го препознав од судниците. Дино Диневски, си реков….

(Средбата со него и приказната што ѝ ја раскажа пред екипата на МКД.мк ќе ја објавиме утре во продолжение на приказната за затворот во Идризово)
До третиот кат ќе ве пресретнат стари ѕидови обоени во жолто, во зелено, во сино….
Минувајќи покрај нив стасавме пред најозлогласеното последно крило. Зад сините решетки не чекаа доживотните осуденици.
Во делот во кој се наоѓаат можеби едни од најтемните и најморничави приказни, ѕидовите се обоени во розово.
Станарите што престојуваат овде сами си го уредиле просторот и ја избрале бојата. Ќелиите беа отворени, а пред нас стоеја тие, доживотните осуденици. Затворското крило го заклучуваа решетките, ама тие веќе беа зад нас.
Пред нашите очи без решетки, без лисици на раце стоеја осуденици за тешки и свирепи убиства.

Десно од нас имаше маса, а на неа осуденик со нож во рацете сечеше лубеница. Нè поздрави и нè пречека со зборовите: „Ајде повелете на лубеница, ќе се освежите на топлото. Ние овде тоа имаме да ви го понудиме“.
Но само што тој заврши, оние од другиот агол нè повикаа да седнеме и нè послужија со ладна „фанта“.
Во големиот ходник имаше саксиско цвеќе, фрижидери, часовник, а во ќелиите аквариум, ТВ и радиоприемници, теписони, лични работи…
Доживотните осуденици го уредуваат просторот секој по своја желба, но секако во границите на дозволеното и на можностите.

Погледнав кон часовникот, а еден од нив ми рече дека часовникот во доживотното затворско крило како да стои во место и овде времето минува многу бавно. Со надворешниот свет контактираат преку затворските решетки на малиот прозорец и преку прошетките во кругот на затворот.
Нашата екипа тој ден беше контактот со надворешниот свет, кој на некој начин им даде можност и јавноста да го чуе нивниот глас.
Ги прашавме кој од нив сака да зборува и без размислување се пријавија неколкумина.
Меѓу доживотните осуденици во затворското крило во Идризово се наоѓаат и Никола Гигевски-Кинез за двојно убиство на двајца сопружници од скопско Драчево, Тони Денковски за трикратното убиство во „Биг фиш“, Виктор Карамарков, серискиот убиец познат како Расколникот, кој го читал Достоевски и убивал повозрасни жени со секира завиткана во пластична ќеса…..
Дел од нив беа надвор во дворот на затворот каде што имаат право на прошетка. Меѓу оние што нè пречекаа и се согласија да зборуваат за стореното беше и осуденик за убиството на полицаец кај ПМФ во Скопје.
Им ги покажавме дозволите и им рековме дека секој што ќе сака да разговара со нас ќе мора да потпише согласност.
Не се двоумеа, се согласија да зборуваат, да раскажат и да го откријат својот идентитет.
Беа осудени за исто кривично дело, убиство, ама беа толку различни.
Кога ја кренав главата, пред мене веќе стоеја неколку доживотни осуденици за убиство.

Еден за убиството на полицискиот службеник кај ПМФ, друг за убиство на сопругата во Италија, третиот за убиство на невенчаната сопруга пред очите на нејзината мајка, четвртиот за двојно убиство…
Седнаа спроти мене, ме гледаа во очи, а кога ќе ги прашав за убиството, го спуштаа погледот.
Сите без исклучок се пожалија на судскиот систем, на максималните пресуди што им се изречени, на тоа дека се осудени без докази, а дел од нив го споменаа и фактот дека во судските постапки за тешки кривични дела на осудени лица им се суди само врз основа на исказ на заштитен сведок. Други докази, според овие лица, нема.
Впечатокот што го добивме од разговорот со нив е дека некако се помириле со тоа дека остатокот од животот ќе го минат тука, во ќелија во најголемиот затвор, и дека повеќе им се гневни на судиите и пресудата, отколку на условите, на затворските чувари и на ѕидовите зад кои им течат деновите.
За неколку минути успеаја да ми го променат ставот дека доживотните осуденици се ладни, без емоции, дека се дрски, арогантни…
Напротив, беа комуникативни, но претпазливи. Го цитираа законот паралелно со мене и ги знаеа сите оние правни механизми со кои можат да излезат надвор од затворот паралелно со мене.
Сите ги прашав – дали го сторивте убиството. Дел од нив потврдно кимнаа со глава, но нивните образложенија беа дека или било во самоодбрана или во миг, никако со умисла. Дел ми одговорија дека се тука за убиство што не го сториле, дека имаат алиби, но никој тоа не го зема предвид.
Велат дека им недостига слободата, но и семејствата, кои знаат дека се живи, а ги нема покрај нив. Седат и чекаат да им мине времето. Велат, денот им е година.
Кога ги прашав за условите во затворот, ми рекоа дека никој од затворската управа не им е виновен што тие се нашле зад решетки и дека секогаш може подобро, но условите се тие.
„Го гледаш ова пред тебе? Сè си уредуваме ние. Ние ги офарбавме ѕидовите, си средуваме во ќелиите. Овде сите сме семејство и никој од затворот не ни е виновен за тоа што сме тука. Храна ако ти донесат од надвор твоите, ќе се најадеш. Ако нема кој да ти донесе, ќе бидеш гладен. Но пакетите што ни стасуваат ги делиме и тоа е. Кога си овде, и мед да ти донесат, ќе ти горчи кога знаеш дека си осуден на доживотен затвор и треба да умреш во ќелија“, ми рече еден од осудениците.

Прв спроти мене седна осуденикот Ангелов Ѓорги за убиство во Делчевско. Го прашав уби ли некого, а тој ми одговори дека убил во самоодбрана, дека не е виновен и почна да ми раскажува.
„Во затворот сум од 2001 и бев осуден на 15 години затвор. Потоа верувајќи во тоа дека казната ми е преголема и дека треба да се преиспита, поднесов жалба до Апелацискиот суд во Штип, кој ми ја преиначи казната и од 15 години, добив доживотен затвор. Убиството што го сторив беше во самоодбрана, а не со умисла како што стои во пресудата. По ова случајот Врховниот суд го врати на почеток, по што добив ослободителна пресуда од првостепениот суд, а потоа штипскиот Апелациски суд повторно ми ја изрече истата казна. Како може ист суд еднаш да те осуди, а втор пат да каже дека треба да те ослободат. Нема поголема неправда од тоа“, ми рече осуденикот.
По него пред мене седна осуденикот на доживотен затвор за убиство што се случи во 2008, кога еден полициски службеник беше убиен, а тројца беа ранети, кај ПМФ во Скопје.
Осуденикот Ќерими Реџаил раскажа дека тој не е виновен за убиството на полицискиот службеник и дека има алиби за тоа каде бил во моментот кога се случило убиството. Тврдеше дека има снимка за настанот и дека таа треба да се објави за вистината да излезе на виделина.
„Не сум сторил никакво убиство. Она за кое сум тука е убиството на полицаец кај ПМФ, ама ништо не сум направил. Кога се случил тој настан, јас не сум бил таму. Имам сведоци, имам алиби. Има дури и снимка за настанот, но прашање е само кога ќе се обелодени таа снимка и ќе се види дека ништо не сум направил. Еден куп сведоци на суд кажаа дека јас не сум бил таму кога се случило убиството. Како може да убијам некого, а да не сум на местото. Јас не барам милост од никого, барам само правда“, вели Реџаил.
Реџаил додава дека ќе дојде денот кога, како што вели, сè ќе се објави и вистинскиот виновник ќе биде казнет. Додава дека не се откажува и дека е убеден дека снимката што постои за овој настан еден ден ќе се отвори и ќе му ја донесе слободата.
По него уште еден доживотен осуденик седна да раскаже. Рече, и јас сакам да си ја олеснам душата, да си ја кажам маката.
„Овде сум за убиство што не сум го сторил. Се случи во Италија, а убиена беше мојата сопруга. Ништо не сум направил, а осуден сум да умрам овде. Веќе осум години сум овде и немам веќе надеж дека нешто ќе се промени. Чекам да мине времето, а тоа воопшто не е лесно“, ни рече осуденикот, кој само еднаш го крена погледот кон нас додека зборуваше.
Гледајќи во масата, како што седна, со истиот потег и стана и замина шепотејќи во себе дека ништо не направил.
А мојот поглед улови осуденик што стоеше сам во аголот од големиот ходник кој ги делеше ќелиите од затворското крило број 9. Гледаше во малиот прозорец кон надворешниот свет. Како воопшто да не приметуваше дека некој има интерес да ја чуе и страната на луѓето осудени да умрат во затвор.

Воздивна, се заврте, нè погледна и тивко влезе зад отворената врата во последната по ред ќелија лево од аголот. Затворските решетки беа отворени.
Ги погледнав затворските чувари и прашав дали може да влезам во ќелијата.
Ми рекоа, да, ако не се плашиш, ако немаш страв, оди.
Реков не, тие со своето однесување ми ги срушија сите предрасуди дека зад профилот на убијците се кријат опасни луѓе, без емоции, со кои не може да се разговара.
Напротив, имаа многу што да кажат и да раскажат. Сакаа да зборуваат, но екипата што беше задолжена за нашата безбедност веќе неколку пати ми укажа дека времето истекува и дека полека мора да заминеме.
Полека станав и се упатив кон последната ќелија во која влезе осуденикот. Во своето место каде што требаше да го мине остатокот од животот тој не беше сам. Друштво во десниот агол зад вратата му правеа неколку златни рипки во убаво стокмен аквариум.

На подот имаше послан дебел персиски тепих, а ќелијата беше стокмена, чиста и средена. Пред него ТВ-приемник од кој не го тргаше погледот.
Го поздравив, а тој ми возврати со празен поглед и ладна насмевка.
Неговата ќелија беше поинаква, како соба, па го замолив да ни дозволи да ја фотографираме.
„Влезете слободно, може да сликате каде седам, но без мене. Ја не сакам“, ни рече и излезе од ќелијата.
Неговиот свет беше еден кревет, ТВ-приемник преку кој комуницира со надворешниот свет, аквариумот со златни риби што овде не исполнуваа желби, плакар со лични работи и мислите што го мачеа, но не сакаше да ги сподели со никого.

Одлучи да го зачува во себе она за што е тука.
Ја почитувавме неговата одлука и откако направивме фотографии, заминавме.
Очите на осудениците беа вперени во нас. Едни беа изморени, други тажни, лутаа со погледот до решетките зад кои нашата екипа ја чекаше слободата. Соочени со фактот дека тие тоа го немаат, ги оставивме да се надеваат дека можеби еден ден ќе го почувствуваат вкусот на движење без ограничување во надворешниот свет.
Оној вкус кога медот ќе биде благ, кога нема сè да има горчлив шмек. Ги оставивме со сеќавањата за свирепите убиства за кои се осудени да чекаат да минат секундите, минутите, часовите, деновите, годините….
Да го цитираат законот, да ги искористат правните механизми и да добијат помилување или преиначување на максималната казна, од доживотен затвор во затвор што ќе биде означен со бројка.
Бевме на иста линија со доживотните мерки, тие со казните, јас со доживотно сеќавање на средбата со осудениците за најсвирепите убиства.
Чуварите ја отворија големата сина решетка на третиот кат, и додека ја координираа безбедносната обиколка и го расчистуваа теренот преку радиостаниците, уште еднаш се завртев кон нив.
Низ насмевка чув „Следниот пат кога ќе нè посетите, гледајте медот да е благ“.
Мислеа на својата слобода, на вкусовите што им ги промениле затворските решетки.
И покрај казните, дел од нив сè уште во себе ја носат смислата за хумор.
А престојот во најголемиот затвор во Македонија беше далеку од хумор.
Осудениците го опишуваат како пекол. И поради условите, хигиената, храната, пренатрупаноста, која до одредена мера се намали со амнестијата, несоодветното лекарско лекување, а најмногу поради фактот што мора да се помират со казната.
Надеж наоѓаат во своите цимери, кои ги имаат по неколку во ќелија, како и во посетите на најблиските. Но има и такви што немаат семејство, кои се бездомници, како Дино Диневски.
Со бавни чекори слегуваме по скалите. Жицата помеѓу скалилата е позната слика на овој затвор, а решетките и мирисот на студенило се тука за да ве потсетат каде сте.

Тропањето на клучевите на појасот на затворскиот чувар нè потсетува дека се отвора врата низ која излегуваме на слобода.
Од третиот до првиот кат има уште неколку затворски крила и осуденици за педофилија, за кражби, за трговија со луѓе, за дрога…
Со дел од нив стоев очи во очи, со дел преку решетките.
(Нивните приказни и приказните на жените осуденички кои исто така ги посетивме ќе ги објавиме во продолжение на репортажата за најголемиот затвор во Македонија, веднаш по приказната за Дино Диневски)
Полека се враќаме низ истата рута по која влеговме. По неколку часа престој во затвор, излегувањето на слобода ни носи олеснување. Чекориме и никој повеќе не се врти назад. Од страна боцкава жица, а над глава на речиси секој агол униформиран полицаец со оружје в рака.

А за безбедно да заминеме, покрај нас полека во чекор нè следи затворската полиција.
Стравот исчезна, а повеќе го нема ни мирисот на студенило. Нè облеаја сонце и светлина. Заминуваме со мислата дека нашите соговорници од крилото со број 9 никогаш нема да ги видат.
Им зедовме мал дел од мислите и сеќавањата, а им ја оставивме надежта. Оти како што велат, таа кај нив последна ќе умре.
Катерина Додевска
Фото: Роберт Атанасовски






