недела, 14 декември 2025
ОЈО Скопје поднесе обвинителен акт против три лица

Обвинителството за Вардариште го гони „старо купујем“ оти собирал железо ама немал фирма, а за Дрисла никого оти немало пријава

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

„Тројцата обвинети, на ул. Зендел Џемаил во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност, откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови, отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад. Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.

Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.

По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.

„На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет“, се додава во соопштението.

За настанатиот пожар на депонијата Дрисла до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ