понеделник, 9 март 2026

Обвинителството разоткри шема на измами со лажни сообраќајки во Битолско

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола со координација на дејствија на Истражниот центар во тоа обвинителство и на СВР Битола откри разработена шема на измами на граѓани со лажни сообраќајни несреќи, преку која на подрачјето на ОЈО Битола во последните два, три месеци биле измамени над десет граѓани од кои биле извлечени вкупно над 60.000 евра и други вредни предмети. Бројот на вакви настани особено се зголемува од почетокот на февруари, од кога се евидентирани веќе шест слични случаи, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Објавено на

часот

Сподели

Според Обвинителството, во сите предмети начинот на извршување е сличен, оштетени се обично повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека некое ним блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. Втората верзија на лажни факти која измамниците им ја претставуваат на дел од оштетените е дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна.

„Доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, оштетените се согласуваат лично на рака да исплатат различни суми пари, од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, златен накит и вредни предмети. Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на фејсбук, биле ангажирани за работа. До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани. Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија кои се употребени во сите овие настани за контакт со оштетените. Од тие причини, Основното јавно обвинителство Битола упати и барање за меѓународна правна помош до органите на овие држави со цел преземање дејствија за откривање на сторителите“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Во меѓувреме, истражните органи апелираат граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат на исплата на парични средства “на рака” на лица кои воопшто не ги познаваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ