недела, 14 декември 2025

Обвинителството потврди: Возачот од Левица немал алкохол во крвта кога се случила сообраќајката

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишник од Гевгелија осомничен за -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, при сообраќајка во Марино, соопшти вечерва Јавното обвинителство.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат, осомничениот, околу еден часот по полноќ денеска, во селото Марино, управувал автомобил хјундаи тусон спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така што со возилото најпрво преминал на левата страна од коловозот, а веднаш потоа свртел во десно, без претходно да се увери дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот. Како резултат на тоа, при наглото свртување, во десниот страничен дел од возилото со кое управувал удрил мопед јијинг без истакнати регистарски ознаки, управуван од 16-годишен малолетник. Од ударот, возачот на мопедот и неговата 13-годишна сопатничка, кои во моментот на несреќата не носеле заштитни кациги, се здобиле со тешки телесни повреди. Со полесни телесни повреди се здобил сопатникот во автомобилот хјундаи тусон.

„Со извршените анализи, кај двајцата возачи по несреќата не е утврдено присуство на алкохол или други супстанции во крвта. По наредба на јавен обвинител ќе се изврши сообраќајно вештачење, а автомобилот и мопедот се подигнати за вонреден технички преглед“, велат од Обвинителството.

Имајќи ги предвид сите околности, со цел обезбедување на присуството на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител предложил да се определат мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и привремено одземање на возачката дозвола.

Ноќеска, еден час по полноќ, во селото Марино, општина Илинден, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило хјундаи тусон со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од пратеникот на Левица, Сашко Јанчев (36) од Гевгелија, и мопед управуван од 16-годишник од село Идризово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ