Според Обвинителството, локацијата е обезбедена, а на терен се инспектори од одделот за економски криминал на МВР. Обезбедени се снимки од видео надзор кој се прегледува и се анализира. Увид извршија и инспекциски служби за животна средина, а во постапката се ангажираат и вешти лица од областа на екологијата. По барање на јавниот обвинител, веднаш по настанот беше активиран и тим од четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на АРМ кој собра примероци и изврши мерења на токсичните материи во воздухот во Скопје, а резултатите треба да бидат доставени до обвинителството.
Исто така прибавена е и целокупната документација поврзана со работата на отпадот и дадени се насоки за да се извршат разговори со лица за да се утврди каков точно отпад бил складиран на локацијата и дали се почитувани законските прописи и дозволи за работа.
Двете лица кои по пожарот нападнаа новинарска екипа и натаму се во притвор во постапка и за кривично дело спречување на службено лице во вршење службено дејствие.
МКД.мк вчера објави дека И.Л., претседателот на општинската организација на ДУИ во Шуто Оризари, е осомниченото лице за намерно предизвикување на пожарот во Визбегово.
При претресот на полицијата во неговиот дом биле пронајдени пиротехника и други запаливи материјали, а одземен бил и мобилниот телефон, со цел да се вештачи. Братот на И.Л. е шеф на кабинет на директорот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во Град Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека има основани сомневања дека овој пожар е организирана акција.
„Не би сакал детално да зборувам за тоа. Имаме одредени информации и основани сомневања, посебно дека она што се случи во Скопје е организирана акција. Имаме приведени лица и одземени телефони, оставам на органите да си ја завршат својата работа. Но, докопку се потврдат овие основани сомневања, тогаш одредени личности ќе бидат во сериозен проблем, рече Мицкоски“, одговорајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.
Завчера, Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи изјави дека имаат основано сомневање дека пожарите се потпалуваат организирано. Завчера полицијата приведе три малолетни лица, странски државјани, откако биле фатени како во вечерните часови кај месноста Ајватовски рид, во близина на скопската населба Илинден, со сомнителни предмети се обидуваат да подметнат пожар.






