Како што соопштија од Јавното обвинителство (ЈО) со предистражните дејствија кои по наредба на јавен обвинител ги презела Управата за финансиска полиција (УФП) во изминатите неколку месеци, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во подрачната единица (ПЕ) Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
„Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот Живојно организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот Осломеј во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони). При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери“, се наведува во соопштението на ЈО.
Според сомнежите на обвинителството, тројца раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека фирмата воопшто не ги извршила договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26 февруари 2024 до 17 јули 2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.
„Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“, велат од ЈО.
надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска ќе доставил предлог за определување мерка притвор за двајца од осомничените, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот.
„Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент“, информираа од Јавното обвинителство.
Од Управата за финансиска полиција (УФП) информираа дека поднеле кривична пријава против осум физички и едно правно лице за злоупотреби во РЕК Битола со кои е стекната противправна имотна корист во висина од 106.200.000 денари.
„Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Битола достави кривична пријава против лицата Б.М во својство на управител и сопственик и А.З. во својство на вработен во правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола и против лицата Б.Ч. во својство на Раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци во сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Брод-Гнеотино, Д.П. во својство на технички директор на Рудници во Подружница РЕК Битола – Новаци, Д.В. во својство на технички Директор на ПЕ Рудници при РЕК Битола, В.Ј. во својство на помошник директор на производство во подружница РЕК Битола – Новаци во сектор за производство, П.М. во својство на директор на АД ЕСМ, во државна сопственост Скопје – подружница РЕК Битола – Новаци во период од 24 ноември 2021 до 3 септември 2024 година, А.Ј. во својство на раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци, во сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Суводол во Служба производство и против правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола за сторени кривични дела зоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на постапка за доделување на договор за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, информираа од УФП.
ЕСМ преку соопштение информираше дека иту еден член од сегашното раководство на РЕК Битола не е приведен во акцијата на МВР.
„Го охрабруваме целосното расветлување на случајот и изразуваме поддршка за институциите во спроведување на законските процедури, со цел утврдување на фактичката состојба. Во интерес на точно информирање, апелираме до медиумите и јавноста да се прави јасна разлика помеѓу поранешното и сегашното раководство, и да не се изнесуваат дезинформации кои можат да ја нарушат довербата во работата на ЕСМ“, се нагласува во соопштението на ЕСМ.






