Како што информираа од Обвинителството, осомничената 40-годишна скопјанка, на 3 јануари вечерта во Волково управувала автомобил Мерцедес, задржувајќи ист правец на движење, но без притоа да обрне доволно внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот.
„Со предниот десен дел од возилото удрила во телото на пешакот Горан Иваноски кој се движел покрај десниот рабник вдолж коловозот, во истата насока пред автомобилот, иако бил должен како пешак да се движи по тротоарот. Од ударот пешакот се здобил со повреди од кои починал на лице место. Јавниот обвинител издаде повеќе наредби за вештачења со цел утврдување на сите околности на сообраќајната несреќа, а во меѓувреме за осомничената се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште и одземање на патната исправа“, информираа од Јавното обвинителство.






