Како што информира Обвинителството, осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во Комунална хигиена – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот.
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.
Ваквите сомненија, додаваат оттаму, се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.
„Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, информираа од Обвинителството.






