петок, 20 март 2026

Обвинителството отвори истрага за Анакиев, побарал поткуп пред да дозволи увоз на стока

Како резултат на кратка предистражна постапка и успешно реализирана акција што вчеравечер под координација на јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК) ја спроведе Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, потврди попладнево ОЈО ГОКК. Воедно, информираат оттаму за Анакиев е побарано определување мерка притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Според ОЈО ГОКК, осомничениот Анакиев, во период од петти овој месец до вчера, како директор на Државниот инспекторат за земјоделство, директно побарал значителна имотна корист за себе за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“ вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на фирма, иако истата многупати претходно била увезувана. Како оправдание на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците стоката повеќе денови стоела на граничен премин, па откако оштетениот, сопственик на фирмата побарал образложение за забраната, осомничениот директор Анакиев побарал поткуп.

„На 13 март 2026 година бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена до вчера, а останатите две рати во деновите што следат. Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот кој требало да биде посредник при исплата на ратите, шпедитерот вчеравечер се сретнал со осомничениот и извршиле примопредавање на паричните средства, по што осомничениот е лишен од слобода од страна на полициски службеници“, информираа од ОЈО ГОКК.

Сознанијата со кои располага Обвинителството, дополнуваат оттаму, и досега обезбедените докази, укажуваат на околности дека е оправдан предлогот што јавниот обвинител го доставил до Основниот кривичен суд Скопје за определување на мерка притвор за осомничениот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ