„Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата“, информираа од Јавното обвинителство.
Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на наменската адреса istragakochani@jorm.mk
„Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим“, велат од Јавното обвинителство.
Во исто време Јавниот обвинител Љупчо Коцевски и тимот обвинители кои постапуваат во предметот денеска се сретнаа со семејствата на жртвите и ги информираа за досегашниот тек на истражната постапка.
„Јавниот обвинител и тимот обвинители кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека Пулс денеска се сретнаа со семејствата на жртвите и ги информираа за досегашниот тек на истражната постапка. Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, информираа од Јавното обвинителство.