сабота, 12 јули 2025

Обвинителството му ги конфискува парите на Елезовски кои ги прими како поткуп, а за кои беше осуден на казна затвор

Јавното обвинителство (ЈОРМ) денеска информира дека го применила правниот инструмент – проширена конфискација во случајот против сега осудениот раководител за урбанизам во Маврово и Ростуше, Седрид Елезовски кој во март годинава беше фатен како прима поктуп во угостителски објект. Судот, како што информираат од Обвинителство, одлучил да го прифати предлогот и да се конфискуваат сите пари (околу 11.600 евра) што во моментот на претресот биле пронајдени кај сега осудениот Елезовски. МКД.мк веќе неколку години редовно известува за сомневањата со издавањето дозволи за изградба на хотели, згради, апартмани… околу Мавровското Езеро и вмешаноста во ова на надлежните од Општината Маврово Ростуше. МКД.мк пишуваше и дека по приведувањето на Елезовски, почнаа да се разоткриваат вистинските мотиви за бетонизацијата на Маврово.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

По поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сега осудениот Седрид Елезовски, тој во целост призна дека ги сторил кривичните дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, како и наводите во обвинението.

„Основниот кривичен суд Скопје му изрече осудителна пресуда врз основа на признание на вина и му одреди казна затвор во траење од три години и 4 месеци. На предлог на јавниот обвинител, судот одлучи да се конфискуваат сите парични средства во вкупен износ од околу 11.600 евра што во моментот на претресот беа пронајдени кај сега осудениот, што претставува примена на инструментот на проширена конфискација предвиден во член 98-а од Кривичниот законик. Парите се одземаат бидејќи обвинителството докажа дека тие ги надминуваат законските приходи на сторителот и дека постои основано уверување дека и тие потекнуваат од кривично дело против службената должност“, се вели во соопштението од ЈОРМ.

Истражната постапка, информираат од Обвинителство, беше отворена во март годинава кога во угостителски објект сега осудениот Елезовски беше фатен на лице место од страна на полициските службеници. Обвинителството го товареше дека како службено лице – раководител на Одделението за урбанизам, комунални дејности, локален економски развој и заштита на животна средина во Општина Маврово и Ростуше, во периодот од јануари 2025 година, во неколку наврати во Гостивар и Скопје директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие кое морал да го изврши и дека директно примил награда за трети лица за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службено дејствие што морало да се изврши.

Како раководно службено лице кое одлучува во управна постапка и како член на Комисија за урбанизам, осудениот Елезовски на претходно договорени средби, побарал од еден подносител на барање паричен износ најпрво од 16.000 евра, а потоа го намалил барањето на 13.000 евра. Парите се согласил да му бидат исплаќани етапно онака како што течела управната постапка, притоа уверувајќи го пријавителот дека средствата се за сите членови на комисијата кои треба да одлучуваат по барањето за да постапат во побрз рок. За првото дејствие побарал 4.400 евра, но на 19.3.2025 година во угостителски објект во Скопје примил 2.000 евра бидејќи сведокот му кажал дека само толку може да обезбеди во тој момент и притоа беше уапсен на лице место при приемот на парите.

МКД.мк веќе неколку години редовно известува за сомневањата со издавањето дозволи за изградба на хотели, згради, апартмани… околу Мавровското Езеро и вмешаноста во ова на надлежните од Општината Маврово Ростуше.

Така на 19 март годинава МКД.мк прв објави дека е приведен раководителот на секторот за урбанизам Седрид Елезовски. Ден потоа, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР донесе наредба за спроведување истражна постапка против Елезовски.

МКД.мк пишуваше и дека по приведувањето на Елезовски, почнаа да се разоткриваат вистинските мотиви за бетонизацијата на Маврово.

На почетокот на април годинава примениот поткуп на началникот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуште, Седредин Елезовски се најде на листата на најматни настани во март, листа што ја објавува Транспаренси интернешнл – Македонија (ТИ-М).

„Раководител побарал 13.000 евра мито за дозвола за проект за градење на апартмани – единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до ОЈО ГОКК соопшти дека пријавениот, раководител на одделение за урбанизам, комунални дејности, локален економски развој и заштита на животна средина во општина Маврово-Ростуше, побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати“, констатираа тогаш за овој случај од ТИ-М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ