сабота, 12 јули 2025

Обвинителството ќе се жали на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски

Немало ни да има грабнување без информацијата дека Вања сама ќе оди на училиште, двајца од обвинетите сведочеа дека токму таткото ја споделил таа информација, преку Љупчо Палевски и не можевме да го занемариме тој факт, изјави денеска обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска откако Основниот кривичен суд Скопје го ослободи од вина Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска. Затоа обвинителството најави жалба на ослободителната пресуда за Ѓорчевски. За Владимир Туфегџиќ, адвокат на ослободениот Ѓорчевски ослободувањето е законито, обвинителството е конфузно. Останатите четворица обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев Судскиот совет при Основениот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите за двојното убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и ги осуди на казна доживотен затвор. 

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Стојковиќ Димитриевска рече дека тоа што го зборува се базира на докази.

„Сведочењата на двајца од обвинетите се дел од доказниот материјал. Можеби немаме цврсти, непобитни елементи какви што посакувавме, но поединечната и заедничката проценка на доказите нè доведе до јасна одлука.

Во однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски, иако не слушнавме аргументи од судот, рече Стојковиќ Димитриевска, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште.

„Да не знаеле дека детето ќе оди по исклучок само, немало да има грабнување. Обвинителството не можеше да оди преку овој факт. Обвинителството не можеше да донесе поинаква јавно обвинителска одлука. Извесно е дека ќе вложиме жалба, нека одлучи повисокиот суд. Во однос дека обвинетите ја сменија изјавата за Ѓорчевски, тие не понудија ниту еден разумен факт и околност зошто го сторија тоа. Тоа дека имало некаква тортура над нив, не е реално, ниту се докажа. Ние ги анализиравме сите нивни искази, никој од нив не кажа дека е употребена сила. По сите параметри, исказите се покажаа како вистински“, рече Ана Стојковиќ Димитриевска.

Таа додаде дека системот правилно упатил порака дека вакви дејствија нема да се толерираат.

„Семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на тоа што го изгубиле. Меѓутоа, со оглед на фактот дека денеска за четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, сметам дека системот правилно упати порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани“, рече обвинителката.

Во врска со приведеното лице од Народна банка за кое обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор рече дека го уништил синиот ранец со оружје, таа рече дека е отворен нов предмет кој не влијае на оваа постапка.

„За сега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот“, рече Стојковиќ.

Според обвинителката Жаклина Трајковска, изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека правдата сепак излегува на површина.

„Изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека ниту еден сторител не може да остане не откриен за сторување на вакви грозоморно кривични дела ,дека и покрај планираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска, и на Панче Жежовски обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина“, рече таа во изјава за медиуми по објавата на пресудата во Основен кривичен суд Скопје.

За Владимир Туфегџиќ, адвокат на ослободениот Ѓорчевски ослободувањето е законито, обвинителството е конфузно.

Судскиот совет при Основен кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за двојното убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и ги осуди на казна доживотен затвор. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ