Од Јавното обвинителство потврдија дека ОЈО Кочани ја примило одлуката на Основниот суд Кочани со која на двајца осомничени им се одредува мерка куќен притовор, а на седуммина мерки на претпазливост. На останатите двајца осомничени во оваа истрага, сопственикот на дискотеката Пулс и инспекторка во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) веќе им се одредени мерки на обезбедување во рамки на првичниот предмет, за кој судењето започна завчера.
Судија на претходна постапка од Основниот суд во Кочани вчера одреди мерки куќен притвор за двајва осомничени, кои се даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, додека за уште седуммина други кои се опфатени во истрагата мерки на претпазливост.
Според вчерашното соопштение на ОЈО Кочани, двајцата даночни контролори кои се во куќен притвор ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите сопственикот на дискотеката Пулс.
Тие се осомничени за примање поткуп, додека одговорното лице, син на реалниот сопственик на Пулс е осомничен за давање поткуп.
Како што информираа од Обвинителството, со новата истрага е осомничена и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка, во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело оддавање службена тајна поради откривање информации за ненајавени контроли.
Другите шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и Пулс да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што го сториле кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.






