Отворањето истрага доаѓа откако Министерството за социјална политика, демографија и млади призна дека инспекцијата што ја направило Министерството за начинот на постапување во предметот за семејно насилство од Стојанче Јовановски кон сопругата Ивана и шестгоришната ќерка Катја, содржи недостатоци и неправилности во постапувањето на Центарот за социјални работи (ЦСР) Скопје, за што се води постапка и изрекување инспекциски мерки.
Дополнително, надлежниот министер Фатмир Лимани откри дека дека две социјални работнички од Центарот за социјални работи Скопје, сокриле дека на 19 јануари 2026 година дошле на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, каде што Ивана била хоспитализирана, а нејзиниот сопруг Стојанче ја турнал по скалите, по што таа паднала во бесознание.
„Најавуваме дека во најбрз можен рок ќе пристапиме кон изменување на Законот за социјална заштита и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на прекршочните одредби што се однесуваат на стручните лица, одговорните лица и правните субјекти, како и зголемување на овластувањата на стручните работници кои учествуваат во постапките на семејно насилство и стекнување статус на овластено службено лице при водење на постапка за заштита од семејно насилство“, изјави во писмениот допис до „Слободен печат“, министерот Лимани.
Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера му го продолжи краткотрајниот притвор на Јовановски кој е осомничен за наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста. Неговата 31 годишна сопруга Ивана и нивната шест годишна ќерка Катја починаа на 2 март годинава по пад од балкон во семејниот дом во скопската општина Карпош.






