ОЈО ГОКК ја затвори истрагата против поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во врска со одземањето дозвола за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, станица каде што последен пат беше сервисиран автобусот на фирмата „Беса транс“ кој предизвика сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 46 македонски државјани. Причина за затворањето на истрагата е тоа што Обвинителството утврдило дека несреќата не била предизвикана затоа што Спасовски не го потпишал решението за затворање на станицата за технички преглед.
ОЈО ГОКК го отворило предметот против Спасовски по добиена анонимна кривична пријава во која се тврдело дека причина за несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија било тоа што Спасовски навреме не го потпишал решението за затворање на станицата за технички преглед каде последен пат бил контролиран автобусот. Истрагата требаше да покаже зошто и покрај тоа што инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед, Спасовски го потпишал документот три месеци подоцна, во ноември 2021 година, односно три дена откако се случи несреќата во Бугарија.
Сите прави само возачот крив за несреќата во Бугарија
Од ОЈО ГОКК за МКД.мк велат дека ја обезбедиле целата документација од Бугарија каде што се случи несреќата, а во која биле направени вештачењата на автобусот на фирмата „Беса транс“. По увидот, Обвинителството утврдило дека во моментот на сообраќајната несреќа автобусот бил во исправна состојба, а до несреќата дошло како резултат на „дејствија на возачот“.
„Сето ова упатува на заклучок дека потпишувањето на решението за одземање на дозвола за работа два месеци откако било напишано не може да биде причина за сообраќајната несреќа со смртни последици. Затоа јавниот обвинител донесе резолуција со што предметот е затворен“, велат за МКД.мк од ОЈО ГОКК.
Пред да биде суспендирана, Русковска ја подготвувала наредбата за истрага
Поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска била на чекор да отвори истрага за постапувањето на полицијата во овој случај, а со тоа и утврдување на евентуална одговорност на поранешниот министер Спасовски. Во разговор за МКД.мк, таа вели дека предистрагата била завршена, биле собрани сите материјални докази и ја делеле не повеќе од 10 дена за да издаде наредба за отворање истрага. Но, само ден по враќањето од годишниот одмор во август 2022 година таа беше супспендирана од работа.
„Истражувањето на евенутална одговорност на тогашниот министер беше работа на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Ние водевме предистрага за работата на другите полициски службеници. Мислам дека со распитот на осомничените полицајци ќе дојдевме и до Спасовски. Но набрзо, јас бев супспендирана од работа“, вели Русковска.
Од ОЈО Скопје пак, добивме кус одговор дека постапувањето по овој случај го предале на ОЈО ГОКК затоа што во кривичната пријава доставена до ОЈО Скопје и во пријавата доставена до ОЈО ГОКК биле наведени истите сомнежи за одговорност на Спасовски.
Случајот со пропустите во работата на станицата за технички преглед „Виа комерц“ беше откриен во декември 2021 година, а Русковска отвори предистрага шест месеци подоцна, во мај 2022 година. Во периодот кога истрагата била затворена шеф на ОЈО ГОКК беше и сега актуелниот обвинител Ислам Абази, а државен јавен обвинител беше Љубомир Јовески.
За СДСМ пријавата е дефокусирање на јавноста од реалните проблеми
Имаме одлична соработка со Обвинителството за гонење организиран криминал и не е точно дека МВР крие документи поврзани со случајот, изјави на крајот на август 2022 година тогашниот министерот за внатешни работи Оливер Спасовски. Тој негираше дека документи за овој случај биле криени во нечија фиока.
„Сè што е потребно има во Обвинителството и тие материјали се доставени, така што не станува збор за никакво криење на документи или било што, туку сè што е побарано е предадено во Јавното обвинителство“, изјави тогаш Спасовски.
Три години подоцна, на 10 декември 2025 година, Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Спасовски осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување за да ѝ овозможи на фирмата „Виа комерц“ да се стекне со незаконски профит од 5,5 милиони денари.
„О.С. иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, тој не ја извршил својата службена должност“, се наведува во пријавата на МВР против Спасовски.
Оливер Спасовски сега е пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ, а партијата реагираше дека станува збор за политички мотивиран прогон кој има за цел дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми со кои се соочува Владата на премиерот Христијан Мицкоски.
И.О.






