„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на локација во Старата скопска чаршија каде околу 1 часот по полноќ беа пронајдени двајца турски државјани со повреди од остар предмет, од кои едниот малку подоцна почина. Издадени се итни наредби за обезбедување докази и МВР постапува за откривање на сторител на кривично дело и расчистување на настанот“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Претходно, денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со убиениот турски државјанин, кажа дека во инцидентот е тешко телесно повредено уште едно лице и оти двајцата добиле повреди од остар нож.
„Имаме осомничено лице, во интерес на истрагата не би можел да отворам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број учесници во вчерашниот кривично-правен настан и според информациите што ги имам досега – сите се странски државјани“, рече Тошковски.






