недела, 29 март 2026

Обвинителството го демантира НСП: нема смена на обвинител за инцидентот пред „Пјур“

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје информира дека до овој момент не е поднесена кривична пријава за синоќешниот инцидент пред дискотеката „Пјур“, во Скопје, при што биле повредени двајца полициски службеници. Од Обвинителството за МКД.мк посочуваат дека се преземаат дејствија за целосно расчистување на случајот и ги демантираат информациите на Независниот синдикат на полицијата (НСП) дека бил сменет обвинителот кој постапувал на терен.

Објавено на

часот

Сподели

Оттаму појаснуваат дека синоќа постапувале двајца дежурни обвинители со различни надлежности, а по приемот на кривичната пријава предметот ќе биде распределен кај надлежен јавен обвинител во зависност од тоа за кое кривично дело ќе одговараат напаѓачите на полицајците.

„До овој момент дејствија преземаа двајца обвинители кои биле дежурни на критичниот ден, од кои едниот има надлежност да постапува по сомненија за кривични дела за кои е предвидена казна затвор до пет години, додека другиот може да презема дејствија и за потешки кривични дела. Во зависност од утврдените околности, по приемот на кривичната пријава, предметот ќе биде доделен на јавен обвинител кој ќе продолжи да постапува согласно утврдената квалификација на кривичното дело. Согласно првичното известување, по инцидентот е констатирана телесна повреда кај еден од полициските службеници и тешка телесна повреда кај еден од другите учесници во настанот. Се преземаат дејствија за целосно расчистување на инцидентот. Информациите за смена на обвинител кој наводно постапувал се целосно неточни“, велат од Јавното обвинителство за МКД.мк.

Во меѓувреме, Независниот синдикат на полицијата (НСП) остро реагираше, обвинувајќи за политичко влијание во случајот. Според нив, осомничените за напад на полицајци биле ослободени по интервенција на владин функционер, а првичната одлука за итна постапка била повлечена.

„Целосно сме запрепастени од одлуката на обвинителството лицата што синоќа нападнаа полициски службеници пред дискотеката ‘Пјур’ во Скопје да бидат ослободени и да не бидат изведени пред суд по итна постака, иако првично биле дадени насоки за тоа“, се наведува во дел од денешната реакција на Независниот синдикат на полицијата (НСП).

Според информациите на НСП, одлуката била променета откако интервенирал висок функционер од Владата, по што бил променет и обвинителот кој бил на местото на настанот. Во настанот дополнително бил вклучен и одделот за внатрешна контрола на МВР, која, како што велат од НСП, сега наместо вина кај напаѓачите, ќе истражува за работата на нивните колеги, полицајците.

„Како синдикат будно ја следиме состојбата со синоќешните настани пред дискотеката ‘Пјур’ во Скопје, каде двајца наши колеги од полициската станица Карпош беа нападнати од страна на алкохолизирани лица, при што се здобија со тешки телесни повреди. Бараме сериозен и темелен пристап од страна на сите инстуции, а ние развојот на овој настан детално ќе го следиме. Уште утре ќе испратиме писмена реакција до Основното јавно обвинителство, но и до Министерот за внатрешни работи, затоа што нанесување на тешка телесна повреда на полициски службеник е сериозно кривично дело кое не смее да биде толерирано и допуштено да се маргинализира“, велат од Независниот синдикат на полицијата.

Од НСП најавуваат дека ќе испратат официјални реакции до Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека напад врз полициски службеник со тешки телесни повреди претставува сериозно кривично дело кое не смее да остане неказнето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ