Како што информираа од Јавното обвинителство, пријавите се повикувале на јавно објавени податоци според кои пријавениот директор на АНБ, Бојан Христовски при аплицирање за позиции директор во Јавното претпријатие (ЈП) „Градски паркинг“ – Скопје, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) користел уверение за познавање англиски јазик од училиштето за јазици „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, кое според сознанијата на анонимниот подносител на пријавите не спроведувало тестирање за тестот ТОЕФЕЛ и ТОЕФЕЛ ибт, ниту пак издавалo меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.
Постапувајќи по пријавата, велат од обвинителството, за да ги испита ваквите наводи, надлежниот јавен обвинител веднаш по оформувањето на предметот во ноември 2024 година упатил барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија за да прибави потребни податоци и докази за училиштето за странски јазици „Јулија“, односно дали ова правно лице е регистрирано во правниот промет, кој е управител, каква дејност врши, дали е сертифицирано како центар за полагање и издавање меѓународно признати сертификати за странски јазици, кои и за кој период, како и тоа дали е издаден сертификат за познавање странски јазик на име на Христовски. Во исто време, од Владата било побарано целокупното досие кое било формирано за Христовски во врска со објавениот оглас за избор на директор на АНБ во 2024 година и пропратната документација.
„Согласно одговорот од бугарските надлежни органи доставен во март 2025 година, по барањето за меѓународна правна помош, во Бугарија постапувало Окружното јавно обвинителство Пловдив, кое по извршените проверки констатирало дека правниот субјект Language School Julia CO.LTD бил регистриран во Трговскиот регистар како ‘Джулија КО’ ООД и тоа за вршење повеќе дејности меѓу кои и преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи. Прибавени биле целосни податоци за управителот на правното лице и била упатена покана до неа да се јави во својство на сведок и да се изјасни за сите прашања од замолницата. Но, проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација“, велат од Јавното обвинителство.
По ова, надлежниот јавен обвинител продолжил со проверките и ја прибавил документацијата од комплетното досие за Христовски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.
„По извршениот увид во целосната документација од сите институции каде аплицирал пријавениот се констатира дека меѓу останатите документи тој приложувал сертификат од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот ТОЕФЕЛ, но и сертификат за положен ТОЕФЕЛ ибт од 26.03.2022 година со освоени 75 поени од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ЕТС визуелно, по форма и содржина се разликува од сертификатите кои што се доставени во прилог кон кривичната пријава, а во кои пишува дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD. Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ЕТС – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за ТОЕФЕЛ сертификати, при што согласно прирачникот за спроведување на ТОЕФЕЛ ибт тестирање за 2022-2023 година евидентно е дека во тој период постоела можноста тестирањето за ТОЕФЕЛ ибт сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист со оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што ТОЕФЕЛ ибт домашно идание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ЕТС не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот“, велат од обвинителството.
По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатирал дека во наведениот случај Христовски не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагањe на ТОЕФЕЛ ибт тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од училиштето за странски јазици „Јулија“.
„Согласно член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот ТОЕФЕЛ издаден од Language School Julia CO.LTD, тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела. Јавниот обвинител ги провери наводите во пријавите и во однос на уверенијата за високо образование на истото лице, при што ја прибави целокупната документација од Економскиот факултет на Универзитетот Скопје, предметот од Државната комисија за спречување на корупцијата и извештајот од вонредниот Државен просветен инспекторат кој веќе извршил целосен увид во досието и не утврдил никакви неправилности. Имајќи ги предвид сите овие докази, јавниот обвинител констатираше дека и во ваквите наводи не се исполнети обележја на кривично дело“, информираа од Јавното обвинителство.