среда, 4 февруари 2026

Обвинителството бара притвор за осомничените дека држеле во заложништво шест мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против татко и двајца синови, поради основано сомнение дека сториле кривични дела – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти и кривично дело Криумчарење на мигранти.  За лицата кои се осомничени за држење во заложништво шест мигранти во Студеничани, за што претходно информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), е предложена мерка притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Од Обвинителството соопштија дека во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигнала порака со линк од локација и со соодветна содржина.

„Ние сме шест странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да нѐ ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата. SOS!“, пишувало во пораката.

Од Обвинителството информираа дека по брзата реакција и извршениот претрес во подрумските простории на станбен објект во село Студеничани од страна на полициските службеници од МВР биле пронајдени шестмина илегални мигранти од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице.

Како што објаснуваат, двајца од осомничените, во текот на март годинава, заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во Република Грција и повремено во скопскиот регион, со цел стекнување имотна корист се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во РСМ која имала за цел вршење на кривично дело – Криумчарење на мигранти. Групата co помош на водичи таканаречени качаци организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на Република Грција на територијата на Македонија преку илегални премини т.н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со ПМВ ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до село Студеничани од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Србија кон државите на ЕУ.

На  21. месецов илегално биле превезени шестмината мигранти кои првоосомничениот ги сместил и засолнил во подрумските простории на објект сопственост на неговиот татко во с. Студеничани.

„Со цел мигрантите да не го напуштат објектот просториите во кои биле сместени биле постојано заклучени, а второ и трето осомничените го обезбедувале објектот. На мигрантите им давале минимална количина на храна и вода, едно шише вода на ден за сите шест мигранти, а подрумските простории можеле да ги напуштат само заради извршување физиолошки потреби. Првоосомничениот во повеќе наврати секој ден им го загрозувал животот и здравјето заканувајќи им се дека нема да го напуштат подрумот сѐ додека од страна на нивните блиски не бидат исплатени парични средства во висина од 5.000 евра за да обезбеди нивно понатамошно илегално пренесување до РСрбија. За таа цел најпрво им ги земал мобилните телефони на сите шестмина, по што во текот на четирите дена колку што престојувале, на двајца од нив им дозволувал еднаш дневно да остварат видео повик со криумчарот организатор од арапските земји со цел истиот да ги извести нивните семејства да ги исплатат бараните парични средства“, информира Обвинителството.

Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, предметниот обвинител ќе му предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд да ја определи за сите осомничени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ